наука и технологија

„Блу Ориџин“ претстави глобална сателитска интернет-мрежа како ривал на „Старлинк“

„Блу Ориџин“ наведува дека планира да лансира 5.408 сателити во ниска и средна орбита околу Земјата, со цел воспоставување мрежа наречена „ТераВејв“.

Mücahithan Avcıoğlu  | 22.01.2026 - Обновена : 22.01.2026
„Блу Ориџин“ претстави глобална сателитска интернет-мрежа како ривал на „Старлинк“

ИСТАНБУЛ (АА) – „Блу Ориџин“, воздухополовна компанија во сопственост на основачот на „Амазон“ и американски милијардер Џеф Безос, вчера објави дека гради глобална сателитска интернет-мрежа што би можела да стане ривал на „Старлинк“, управувана од „Спејс Икс“ на Илон Маск, јавува Анадолу.

Во соопштението „Блу Ориџин“ наведува дека планира да лансира 5.408 сателити во ниска и средна орбита околу Земјата, со цел воспоставување мрежа наречена „ТераВејв“.

„Оваа мрежа ќе им служи на десетици илјади корисници од корпоративниот сектор, дата-центри и владини институции што имаат потреба од сигурна поврзаност за критични операции“, се вели во соопштението на компанијата.

Од „Блу Ориџин“ истакнуваат дека меѓусебно поврзаните сателити имаат цел да обезбедат глобална интернет-покриеност, при што ќе овозможат пренос на податоци со поголеми брзини во споредба со конкурентските услуги.

Според соопштението, мрежата „ТераВејв“ ќе нуди брзини на преземање и праќање податоци до 6 терабити во една секунда, а лансирањето на првите сателити се очекува да започне во последниот квартал од 2027 година.

„‘ТераВејв’ обезбедува и поврзаност точка до точка, како и интернет-пристап од корпоративен ранг. Им овозможува на корисниците да изберат опсег и физичко присуство во согласност со промените на нивните потреби“, додаваат од компанијата.

За разлика од „Старлинк“, кој првенствено обезбедува интернет и телефонски услуги за индивидуални корисници, мрежата „ТераВејв“ на „Блу Ориџин“ е наменета за дата-центри, компании и владини корисници.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.