наука и технологија

Во Руанда започна производство на првите африкански паметни телефони

Телефоните „мара“ се дизајнирани во партнерство со Гугл како дел од програмата „Андроид уан“ (Android One)

Ekipa  | 08.10.2019 - Обновена : 10.10.2019
Во Руанда започна производство на првите африкански паметни телефони

КИГАЛИ (АА) - Панафриканската мултисекторска компанија за деловни услуги, Групацијата „Мара“, во главниот град на Руанда, Кигали, отвори фабрика за производство на паметни телефони, „Мара телефони“, јавува Anadolu Agency (AA).

Телефоните „мара“ се дизајнирани во партнерство со Гугл како дел од програмата „Андроид уан“ (Android One).

Новата фабрика во моментот изработува две верзии од телефонот, чија цена ќе изнесува меѓу 129 и 189 долари.

Фабриката вработува околу 200 лица во Руанда - од кои 60 % се жени.

Претседателот на Руанда, Пол Кагаме, на церемонијата на отворањето рече дека со производството на новите телефони, повеќе Руанѓани ќе имаат на дофат и ќе можат да поседуваат смартфони.

„Производот е поддржан со гаранција и цената може да се плати на рати во текот на две години. Тие колку што можеа се обидоа да го направат толку едноставно и корисно за Руанда“, рече тој.

Тој истакна дека стапката на Руанѓани кои користат паметни телефони е ниска, но дека Владата постепено се справувала со пречките преку ваквите иницијативи на Групацијата „Мара“.

Пристапот до интернет во Руанда во моментот изнесува над 52,1 отсто, што претставува зголемување во однос на 7-те проценти пристап во 2011 година.

Според Министерството за ИКТ и иновации, пристапноста до телефоните во моментот е зголемена на над 80,6 отсто, од 33 отсто во 2010 година.

„Паметните телефони не претставуваат повеќе луксуз. Тие брзо станаа потреба од секојдневниот живот. Овој тренд ќе се зголемува во престојните години, затоа што сè повеќе и повеќе услуги мигрираат на дигиталните платформи“, изјави Кагаме.

Освен на пазарот во Руанда, Групацијата „Мара“ исто така има за цел да ги извезува телефоните во другите земји од регионот.

Главниот извршен директор на „Мара телефони“, Ашиш Такар, изјави дека компанијата силно верува оти локалното производство на паметни телефони ќе донесе огромна гордост на африканскиот континент.

„Денес е остварен голем сон не само за Мара, туку и за Руанда и Африка. Ова е историски момент што помага да се пренесе нарацијата за африканскиот континент во вистинска смисла дека Африканците можат да произведат и висококвалитетни глобални стандардни производи“, рече тој.

Тој додаде дека во фабриката во Руанда ќе произведуваат, а нема да монтираат телефони.

Такар минатата година ги објави и намерите на компанијата да изгради достапен објект за производство на паметни телефони во Јужна Африка.






На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.