култура и уметност

Канческа - Милевска и Турски театар наградени со признание во Турција

Вчера во Културниот центар „Јунус Емре“ во Истанбул во рамките на манифестацијата „Anatolian Theatrical Awards“ на министерката за култура Канческа-Милевска и била врачена меѓународната награда „Yes to Art“ за остварувања во уметноста и културата

Admir Fazlagic  | 27.01.2017 - Обновена : 27.01.2017
Канческа - Милевска и Турски театар наградени со признание во Турција

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Министерката за култура на Република Македонија Елизабета Канческа-Милевска и Турски театар вчера беа наградени со признание во Турција, пренесува Anadolu Agency (AA).

Според соопштението на Министерството за култура на Македонија, вчера во Културниот центар „Јунус Емре“ во Истанбул, Република Турција, во рамките на манифестацијата „Anatolian Theatrical Awards“ на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и била врачена меѓународната награда „Yes to Art“ за остварувања во уметноста и културата.

„Заблагодарувајќи се за укажаната чест, министерката Канческа-Милевска рече дека наградата ја доживува како поттик и во иднина да продолжи да работи на унапредување на состојбите во културата во Република Македонија и нејзина промоција во меѓународни рамки, како и за продлабочување и зајакнување на културните врски со Република Турција, која е вистински пријател и поддржувач на нашата земја", стои во соопштението.

Наградата, која ја доделува реномираното списание за театар „Tiyatro Gazetesi“, е второ признание за министерката Канческа-Милевска во Република Турција, која во 2011 година беше одликувана и со наградата „Златен чинар“ за особени постигнувања во културата и уметноста, соопштуваат од ресорното министерство.

Исто така, на манифестацијата признание му беше врачено и на Турскиот театар – Скопје, кој во изминатите 65 години на својата сцена презентираше извонредни театарски остварувања кои ја освоија публиката не само во Република Македонија туку и во другите културни центри низ светот.

Од Министесрството за култура соопштуваат дека претходно министерката Елизабета Канческа-Милевска оствари билатерална средба со својот колега, министерот за култура и туризам на Турција Наби Авџи на која, како што соопштуваат било оценето дека двете земји имаат традиционално одлична соработка во сите сегменти од областа на културата, која е потврдена со реализацијата на голем број проекти, како и со претставувањето на уметници од двете земји на значајни фестивали и манифестации во Македонија и во Турција.

На средбата, меѓу другото, беше потенцирана и соработката во издавачката дејност, а стана збор и за стимулативната мерка од областа на издаваштвото која се применува во двете држави и која е одлична можност за претставување на книжевните автори во двете земји.

Од Министерството за култура на Македонија, информирааат дека Канческа-Милевска и Авчи на средбата го изразиле своето уверување дека соработка во културата меѓу Македонија и Турција во иднина ќе продолжи со уште понагласена динамика.

„За таа цел, двајцата министри се заложија за скоро потпишување на Програмата за соработка, чие усогласување е во тек, за обезбедување на потребните услови за отворање на културно-информативните центри во Скопје и во Истанбул, како и за интензивирање на изградбата на новиот објект на Турскиот театар. Тие оценија дека овој проект, кој е од особено значење, треба што поскоро да се заврши со што ќе се овозможи Театарот да ги презентира своите уметнички креации во нов објект изграден според сите светски стандарди", се наведува во соопштението.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.