Историскиот османлиски мост во ирачки Киркук стои цврсто и покрај годините и поплавите
Историската градба, порано позната како „мост што го поврзува Киркук со Багдад“, не претрпи оштетувања ниту при поплавите по обилните дождови што со прекини траат од 9 декември наваму...
КИРКУК (АА) - Историскиот османлиски мост што се наоѓа во округот Дакук, во ирачката провинција Киркук, продолжува да опстојува со својата цврстина и импозантност и покрај годините и неодамнешните силни поплави, за разлика од други објекти во регионот на кои има сериозни оштетувања, јавува Анадолу.
Историската градба, порано позната како „мост што го поврзува Киркук со Багдад“, не претрпи оштетувања ниту при поплавите по обилните дождови што со прекини траат од 9 декември наваму, со што уште еднаш покажа дека им одолева на времето и на природните непогоди.
Директорот на Управата за историски споменици во Киркук, Раит Угле, во изјавата за АА истакна дека поплавите што го зафатија Ирак, вклучително и Киркук, уште еднаш ја потврдиле цврстината на овој историски мост.

Потсетувајќи дека османлискиот мост е еден од најзначајните историски споменици во Киркук, Угле нагласи дека иако од неговата изградба поминале околу 142 години, тој и понатаму се користи за сообраќај.
Тој посочи дека регионот се соочил со едни од најсилните врнежи во последните години, при што дел од објектите се урнале, но историскиот мост останал целосно стабилен.
Угле додаде дека Владата и локалната администрација на Киркук ќе му посветат уште поголемо внимание на мостот и дека ќе се работи на негово отворање за туристички посети, истакнувајќи ги неговата цврстина и естетска вредност.

„Тоа е дело што ја одразува цврстината на османлиското градежништво“, вели тој.
Неџат Кевсероглу, истражувач и писател од Киркук, нагласи дека мостот во Дакук е едно од стотиците ремек-дела што Османлиите ги изградиле на територијата на Ирак.
„Овој мост е дело што ја одразува цврстината на османлиското градежништво“, рече Кевсероглу.
Тој потсети дека темелите на мостот биле поставени на почетокот на 70-тите години на 19 век од тогашниот багдадски гувернер Митхат-паша, а изградбата била завршена во 1883 година.

Кевсероглу укажа дека камењата користени при изградбата биле подложени на посебен процес на загревање, со што значително се зголемила нивната издржливост, додавајќи дека историската градба е поцврста и од многу современи мостови.
- Мост со симболични карактеристики -
Според Кевсероглу, мостот бил изграден од турски архитекти од Истанбул, а во неговата изградба учествувале и познати мајстори од тоа време, како и голем број жители на Киркук.
Тој истакна дека мостот има и уникатни симболични карактеристики: 12 свода што симболизираат 12 месеци во годината, должина од 365 метри што претставува 365 дена, како и ширина од седум метри, што упатува на седум дена во неделата.
