свет

Ирак објави завршување на првата фаза од мисијата на коалицијата против ДЕАШ

- Последните преостанати советници ја напуштиле воздухопловната база Аин ал-Асад во покраината Анбар, како и седиштето на Заедничката оперативна команда, по што целосното нивно управување им е предадено на ирачките безбедносни сили

Lina Altawell  | 19.01.2026 - Обновена : 19.01.2026
Ирак објави завршување на првата фаза од мисијата на коалицијата против ДЕАШ

ИСТАНБУЛ (AA) – Ирак доцна синоќа објави дека е завршена првата фаза од мисијата на меѓународната коалиција против терористичката организација ДЕАШ, јави ирачката новинска агенција, пренесува Анадолу.

Соопштението е објавено од Високиот воен комитет за завршување на мисијата на Меѓународната коалиција во Ирак.

Комитетот соопшти дека е завршена евакуацијата на сите воени бази и командни штабови во федералните области на Ирак од советниците на коалицијата кои учествуваа во борбата против ДЕАШ, при што овие локации се ставени под целосна контрола на ирачките сили.

Како што се наведува, последните преостанати советници ја напуштиле воздухопловната база Аин ал-Асад во покраината Анбар, како и седиштето на Заедничката оперативна команда, по што целосното управување со двете локации им е предадено на ирачките безбедносни сили.

Министерството за одбрана на Ирак во саботата соопшти дека американските сили се повлекле од воздухопловната база Аин ал-Асад и дека ирачката армија ја презела целосната контрола врз објектот.

Со завршувањето на оваа фаза, Багдад преминал кон билатерални безбедносни односи со САД, соопшти комитетот.

Според соопштението, билатералните односи ќе се фокусираат на спроведување на меморандуми за разбирање во областа на воената соработка и на развој на капацитетите на ирачките вооружени сили во однос на опрема, вооружување, обука, вежби и заеднички операции, со цел одржување на подготвеноста и ефикасната борба против ДЕАШ.

Во меѓувреме, како што се наведува, започнала втората и последна фаза од мисијата на коалицијата во соседна Сирија, при што продолжува координацијата за поразување на преостанатите позиции на ДЕАШ и спречување на прекуграничните закани за националната безбедност на Ирак.

Според соопштението, коалицијата ќе обезбедува прекугранична логистичка поддршка за операциите во Сирија преку воздухопловната база во Ербил, северен Ирак.

Се додава дека ирачките сили, по потреба, може да спроведуваат заеднички операции против ДЕАШ со САД од воздухопловната база Аин ал-Асад.

Засега нема официјален коментар од Вашингтон или од Дамаск.

САД и Ирак на 27 септември 2024 година, во заедничка изјава, објавија договор за двофазен план за завршување на мисијата на коалицијата во Ирак.

Првата фаза, која првично беше планирано да заврши до септември 2025 година, опфаќаше прекин на воената мисија на коалицијата, повлекување на силите, предавање на базите и премин кон билатерално безбедносно партнерство.

Втората фаза ќе трае до септември 2026 година и вклучува продолжување на воените операции на коалицијата во Сирија, координирани од Ирак преку воздухопловната база во Ербил.

Коалицијата предводена од САД, во која учествуваат и земји како Франција и Шпанија, беше формирана во 2014 година за борба против ДЕАШ, кој во тој период контролираше големи делови од Ирак и Сирија.

Ирак прогласи победа над ДЕАШ во декември 2017 година, но организацијата и понатаму дејствува во северните, западните и источните делови на земјата преку повремени напади, поради што ирачките сили продолжуваат со безбедносни и воени операции.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın