Коронавирус

„Во третирањето на Ковид-19 да не се користи аспирин без консултација со лекар“

„Користење аспирин без препорака од лекар може да предизвика последици како што се крварење и Рејев синдром“

Duygu Yener   | 20.11.2020
„Во третирањето на Ковид-19 да не се користи аспирин без консултација со лекар“

АНКАРА (АА) - ДУЈГУ ЈЕНЕР –

Членот на Научниот комитет за коронавирусот при Министерството за здравство на Турција, д-р Афшин Емре Кајипмаз, истакна дека аспиринот не треба да се користи без консултација со лекар за време на третманот за Ковид-19.

Во изјавата за Агенција Анадолија (AA) Кајипмаз рече дека секој лек треба да се користи рационално.

Истакнувајќи дека треба да се обрне внимание на лековите како што се аспирин, парацетамол и на лековите против болки и антибиотици, Кајипмаз рече: „Како и со секој лек, аспиринот треба да се користи внимателно и кај соодветен пациент.“

Посочувајќи дека Научниот комитет има издадено упатство за тоа, Кајипмаз истакна: „Ние користиме разредувачи на крвта во третманот на Ковид-19, која е болест која доведува до интраваскуларна коагулација. Знаеме дека тие треба да се користат кај пациенти на кои им е потребен стационарен третман.“

Доц. д-р Кајипмаз наведе дека се препорачува разредувачите за крвта да се користат дома кај пациентите кои се пуштени од болница по лекувањето со Ковид-19 и кои се со висок ризик од формирање на тромб.

„Оние кои се изложени на ризик од развој на тромб се постари лица, лица со прекумерна тежина, тие со историја на рак, историја на интраваскуларна коагулација и лица кои се лекувале на интензивна нега. Во оваа група пациенти, ако ризикот од крварење од кој било систем е мал, аспиринот може да се користи најмалку 14 дена. Постојат и други видови разредувачи на крвта, како што е еноксопарин.“

- „Мислењето на лекарот е важно“ -

Нагласувајќи дека при употребата на лекот важно е мислењето на лекарот, Кајипмаз нагласи:

„Ако лекарот мисли дека има ризик од коагулација кај пациентот, може да се започне [со терапија]. Особено кај хоспитализираните лица, третманите за разредување на крвта може да се прават со аспирин или хепарин со мала молекуларна тежина. Нивното започнување значително спречува да се згрутчува крвта во садовите.“

Истакнувајќи дека кај пациент со Ковид-19 по некое време може да се појават тромби во садовите на белите дробови, Кајипмаз нагласи: „Тоа се вика белодробна емболија. Затоа, важно е да се користат разредувачи на крвта за да се спречи интравенско згрутчување кај пациентот. Сепак, несвесно, не е соодветно да се користи аспирин или хепарин со мала молекуларна тежина без директен совет од лекар. Доколку лекарот смета дека е соодветно, пациентот може да ги користи. Користење аспирин без препорака од лекар може да предизвика последици како што се крварење и Рејев синдром.“


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.