Основачот на Твитер донира 1 милијарда долари во борбата против Ковид-19
„Средствата, во вкупен износ од 998 милиони долари, претставуваат околу 28 отсто од целокупното богатство“, рече Дорси

ВАШИНГТОН (АА) - Основачот и извршен директор на Твитер, Џек Дорси, ќе донира 1 милијарда долари за помош во борбата против Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Дорси на Твитер објави дека средствата ќе потекнуваат од неговиот капитал во „Сквер“, фирма за мобилни трговски плаќања што ја основал покрај Твитер.
„Средствата, во вкупен износ од 998 милиони долари, претставуваат околу 28 отсто од целокупното богатство“, рече Дорси.
Тој нагласи дека по завршувањето на пандемијата ќе ја насочи својата помош кон образованието и здравјето на девојчињата, како и кон општото образование во светот.
Објаснувајќи зошто средствата ќе се префрлат во овие области, Дорси во своите наредни твитови рече дека верува оти „тие претставуваат најдобри долгорочни решенија за егзистенцијалните проблеми со кои се соочува светот“.
И други познати личности и индустриски гиганти донираа делови од своето богатство за да помогнат во глобалната борба против коронавирусот, но донацијата на Дорси претставува една од најголемите.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.