Љубов кон дрводелството: Пензионер од Ризе во подрумот на својот дом создава уникатни украси
„Ова не е само работа, ова е љубов што ме буди во осум наутро и ме држи буден до полноќ. Секое парче што го изработувам е уникатно, излезено од мојата мисла, без трага од копија.”
РИЗЕ (АА) – Седумдесетгодишниот Ибрахим Топчу, кој живее во турскиот град Ризе, две години по завршувањето на должноста старешина на локалната месна заедница, во подрумот на својот дом направил работилница каде што изработува дрвени производи по сопствен дизајн, пишува Анадолу.
Топчу, по долгогодишниот интерес за предметите од дрво, пред две години донел одлука и сам да започне со производство.
Својот нов пат го започнал со насмевките на најмладите. Првите дрвени играчки што ги изработил биле искрен подарок за децата од соседството во неговата населба Чарши.
Со текот на времето Топчу го збогатил асортиманот на дрвени производи, започнувајќи со изработка на куќички за птици, лустери, држачи за марамчиња, табли за сервирање и разни декоративни предмети.

Производниот процес дополнително го забрзал со помош на снаата Вилдан Топчу, која почнала да доаѓа во работилницата.
Ибрахим Топчу за дописникот на Агенција Анадолу (АА) рече дека поради интересот за дрвото почнал да работи со едноставна опрема, но со текот на времето нашол можност да се усоврши.
- „На оваа работа ѝ се наклонувам како кон голема љубов“ -
Истакнувајќи дека од дрво може да се изработат многу нешта, Топчу рече: „Најпрво почнав да правам играчки за сите деца во маалото. Но не застанав на тоа, работата почна да расте. Обемот се зголемуваше и имаше потреба од други алати. За обработка на секој вид дрво ми беше потребен посебен алат. Ги набавив и стигнавме до оваа фаза.“

Топчу сподели дека поголем дел од времето го минува во работилницата.
„Ова не е само работа, ова е љубов што ме буди во осум наутро и ме држи буден до полноќ. Во работилницата ми помага и мојата снаа. Секое парче што го изработувам е уникатно, излезено од мојата мисла, без трага од копија”, додаде тој.
Снаата Вилдан Топчу, пак, со ведар дух сподели дека нејзиното срце е исполнето со радост бидејќи свекор ѝ го развил своето хоби и истакна дека се труди да му даде целосна поддршка во работата.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
