Турција, живот

Турција: При орање на нива, откриен фосил на слон

Д-р Алкан за Агенција Анадолија изјави дека откриените коски имаат голема сличност со фосилот на „антички слон“, изложен во Археолошкиот музеј во градот

İzzet Mazı  | 17.09.2021 - Обновена : 20.09.2021
Турција: При орање на нива, откриен фосил на слон

КАХРАМАНМАРАШ (АА) - ИЗЕТ МАЗИ -

Фармерот Јилмаз Орчан, од местото Туркоглу во турската област Кахраманмараш, додека орал за есенската жетва, наишол на коски кои имаат голема сличност со фосил на антички слон. Откриените коски се земени на испитување од страна на научниците, пишува Агенција Анадолија (АА).

Земјоделецот Орчан, додека орал на нивата што ја изнајмил за сеење пченка, забележал дека плугот од тракторот заглавил во земјата.

Орчан го запрел тракторот и забележал дека предметот во кој заглавил плугот од тракторот е фрагмент од коска од големо животно. Тој ги информирал научниците кои вршеле ископувања во областа близу изнајмената нива.

Д-р Јаренкур Алкан, член на Катедрата за антропологија при Универзитетот „Киршехир Ахи Евран“, при првото испитување констатирал дека станува збор за коски кои веројатно му припаѓаат на слон.

Наведувајќи дека ископаните фрагменти треба детално да се испитаат, д-р Алкан за Агенција Анадолија изјави дека откриените коски имаат голема сличност со фосилот на „антички слон“, изложен во Археолошкиот музеј во градот.

Соопштувајќи дека во моментов работат на спасувачки ископувања во област близу откриените коски, д-р Алкан продолжи со зборовите:

„Во подрачјево работиме на ископувања речиси три недели. Земјоделец кој ги пронашол коските во нивата додека орал, дојде да нѐ информира. Дојдовме на местото на откритието и започнавме со истражување. Многу сме среќни, бидејќи, судејќи по откриените фрагменти, ископавме скоро цел слон. Станува збор за многу голема површина, па не е возможно да стигнеме насекаде. Многу сме среќни што граѓаните ни даваат поддршка, информирајќи нѐ за сѐ.“

Д-р Јаренкир Алкан, член на Катедрата за антропологија, истакна дека откриените коски во моментов се ставени под заштита и ќе бидат изложени на соодветно место откако ќе завршат испитувањата.

Земјоделецот Јилмаз Орчан изјави дека кога видел фрагменти од коски заглавени во плугот додека орал во нивата, ги известил истражувачите кои работеле во тоа подрачје.

Во меѓувреме, скелетот на „антички слон“ пронајден во истиот регион, за кој е утврдено дека е стар 3.000-3.500 години, изложен е во археолошкиот музеј „Кахраманмараш“, а презентацијата е збогатена со користење на светлина, звук и визуелни ефекти.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.