свет, живот

Казахстанската младина ја живее својата страст за јавање коњи по бескрајните степи

Во Казахстан, познат како земја каде што коњите првпат биле припитомени, традициите на јавање коњи и понатаму се важни. Оваа традиција, која стана дел од животот на Казахстанците, се пренесува од генерација на генерација, пишува Анадолу.

Meiramgul Kussainova  | 18.08.2025 - Обновена : 18.08.2025
Казахстанската младина ја живее својата страст за јавање коњи по бескрајните степи

АСТАНА

- Меирамѓул КУСАИНОВА


Во Казахстан, познат како земја каде што коњите првпат биле припитомени, традициите на јавање коњи и понатаму се важни. Оваа традиција, која стана дел од животот на Казахстанците, се пренесува од генерација на генерација, пишува Анадолу.

Според најновите статистички податоци од 2024 година, во земјата има 14 раси коњи, а вкупната популација на коњи надминува 4 милиони. Според популацијата на коњи, Казахстан го дели лидерството со земји како САД, Мексико и Бразил.

Казахстанците, кои порано учеле да јаваат коњи од многу рана возраст, се стремат и денес да ја одржат оваа традиција жива.

Иако традицијата на рано јавање коњи продолжува до одредeна мера во руралните средини, во градовите ова е овозможено преку обука во ергели за коњи.

Ергелата за коњи „Кулатај“, оддалечена 15 километри од главниот град Астана, е полна со млади луѓе што секојдневно доаѓаат од градот за да јаваат.

Абај Амањол, кој работи како инструктор по јавање, за Агенција Анадолу (АА) изјави дека ергелата има речиси 300 коњи и дека е особено зафатена за време на викендите.

Амањол објасни дека ова место се разликува од курсевите за јавање во градовите по тоа што јавањето коњи не се учи во ограничен простор, туку во средина без препреки, во огромната степа и додаде: „Повеќето млади луѓе доаѓаат тука затоа што јавањето коњи е одличен извор на адреналин.“

Зборувајќи дека јавањето коњи е талент во гените на Казахстанците, Амањол рече:

„Тука видов како луѓе што никогаш порано не јавале коњ уште првиот ден почнуваат да јаваат. Во минатото, не само нашите дедовци туку и нашите баби го совладале јавањето коњи. Не може со зборови да се опишат духот и чувството на слободно јавање коњ низ степата.“

Анел Азаматкизи, раскажувајќи дека дошла во ергелата за да јава и овој спорт го научила од нула, истакна:

„Живеам во Астана и слободното време го минувам тука. Прекрасно е чувството да се јава коњ на отворено, без никакви пречки.“

Баурџан Алимханов вели дека тој и неговите пријатели обично ги поминуваат викендите јавајќи коњи и додаде: „Особено уживам да го гледам заоѓањето на сонцето качен на коњ.“

Јавањето коњи е популарна активност меѓу младите во Казахстан. Чини помеѓу 5.000 и 15.000 тенге (приближно 490-1.470 денари) по лице за еден час.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.