„Трговската размена на Македонија и Турција да се зголеми на една милијарда евра"
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев пред почетокот на средбата во изјава за медиумите рече дека на состанокот со членовите на МАТТО ќе се разговара за конкретни проекти и конкретни активности за бизнисмените.

Skopje
СКОПЈЕ (АА) - Вечерва во Скопје Стопанската комора на Македонија - Турција (МАТТО), организираше средба на која присуствуваа членовите на оваа комора и претседател на Владата на Република Македонија Зоран Заев, кои разговараа на темата „Македонско-Турски билатерални економски односи и развој и унапредување на инвестиционата и деловна клима", јавува Anadolu Agency (AA).
На вечерашната средба присуствуваше и министерот во Владата на Република Македонија задолжен за странски инвестиции Аднан Ќахил, амбасадорката на Турција во Македонија, Тулин Еркал Кара, претседателот на МАТТО Ајдован Адемовски, Фатмир Бесими економски советник во Владата на Република Македонија.
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев пред почетокот на средбата во изјава за медиумите рече дека на состанокот со членовите на МАТТО ќе се разговара за конкретни проекти и конкретни активности за бизнисмените.
„Денеска сме на конкретен работен состанок со МАТТО комората, каде што импресионирани од мотивацијата којашто ја добивме од посетата на Турција, должност наша е да разработиме конкретни проекти и конкретни активности коишто за деловната заедница ќе значат бизнис, повеќе профит, за Република Македонија нови работни места, зголемување на БДП и севкупниот извоз од државата. Овде во Македонија имаме одличен капацитет на огромен број сериозни турски компании коишто работат, коишто даваат плата на нашите граѓани, коишто плаќаат даноци во Буџетот на Република Македонија и учествуваат многу значително во севкупното производство на Македонија, но и во извозот на Република Македонија", рече Заев.
Премиерот Заев додаде дека во рамките на посетата на Турција, добиле охрабрување од Сојузот на стопанските комори, како и од разговорите со претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган и премиерот Бинали Јилдирим, кои, како што рече, покажале сериозна посветеност за Република Македонија. Според Заев, вековното традиционално пријателство со Турција треба да ја охрабри деловната заедница за инвестирање во Македонија.
Заев се осврна на неговата посета на Репбублика Турција и остварената средба со претседателот Ердоган на која, како што информираше, разговарале за унапредување на економската соработка помеѓу двете земји.
„Ги разгледавме деталите. Зборувавме за бројките и инвестициите и ќе Ви кажам директно добивме задача овие бројќи да ги подобриме. И вие како деловна заедница, а и јас како прв човек во Македонија, пријател на претседателот Ердоган, премиерот Јилдирим но и на Република Турција. И кога претседателот на најголемиот пријател на Македонија дава задача, пријателите треба да ја исполнат таа задача", истакна Заев.
Меѓу другото, во својата изјава, Заев потсети на програмата што ја донесе Владата на Република Македонија на вчерашната седница за поддршка на стопанскиот развој и инвестициите и изрази уверување дека бизнисмените ќе се пронајдат во оваа програма.
На новинарско прашање за тоа кои активности ќе се преземат во Македонија против терористичката организација ФЕТО, премиерот Заев одговори:
„Знаете дека на оваа тема разговаравме и во официјалната посета на Турција, со претседателот Ердоган, со премиерот Јилдирим и со Парламентот, ова е многу важно. Македонија беше сведок за насилно влегување во Парламентот, ние на своја кожа почуствувавме што значи насилството и по насилен пат да се преземаат институциите. Тоа е само причина, покрај огромното пријателство, да дадеме поддршка во борбата против тероризмот, тој не смее да се повтори никаде. Нашите служби на Министерството за внатрешни работи на Македонија и Министерството за внатрешни работи на Турција воспоставуваат сериозни контакти, заради тоа што ако нешто слично некаде се случило, тоа не значи дека не може да се повтори, па и во нашата земја иако сме мала, пријателска земја. Од тој аспект ги преземаме сите чекори согласно Уставот и законите на Република Македонија да ги отклониме сите можности коишто претставуваат дури и мал доказ дека нешто такво може да се случи во Македонија. Верувам дека сите резултати коишто ќе бидат на повидок веднаш ќе бидат соопштени со јавноста".
Амбасадорката на Турција во Македонија Тулин Еркал Кара, рече дека како Република Туррција посакуваат Македонија како просперитетна и во благосостојба да го заземе местото што заслужува на Балканот и во евро-атланската заедница, за што, како што рече, се прават искрени напори во таа насока.
Амбасадорката Кара истакна дека зачленувањето на Македонија во НАТО и во ЕУ ќе има голем придонес за економскиот просперитет и трговијата на Македонија. Кара истакна дека МАТТО со неговите 65 компании-членки, има важна улога во развојот на трговските односи меѓу Турција и Македонија.
„Турските инвестиции во последните 13 години пожаа брзо зголемување. Во Македонија се наоѓаат околу 100 турски инвеститори. Вкупните инвестиции на овие компании изнесува 1,2 милијарди евра. Вкупниот број на вработени надмина 5 илјади лица”, информираше амбасадорката Кара.
Меѓу другото, амбасадорката Кара изрази уверување дека взаемните напори на Турција и Македонија се од суштинско значење за да се заштити моментумот на билатерални економски и трговски односи на двете земји, во последните години, како и искористувањето на потенцијалот на најефикасен начин.
Истакнувајќи дека трговскиот билатерален обем којшто во 2017 година бил 460 милиони долари, е потребно да се зголеми во 2018 година, амбасадорката Кара рече: „Бидејќи обемот на трговија што постои меѓу двете земји е далеку од реалниот потенцијал, нашата цел, како што и посочи нашиот премиер, е нашиот билатерален обем со Македонија да го зголемиме над една милијарди евра. Чекаме поддршка од премиерот Заев за остварување на оваа цел.”
Претседателот на МАТТО, Ајдован Адемовски рече дека МАТТО се залага да се зголеми трговската размена помеѓу Македонија и Турција и изрази надеж дека тоа со заеднички напори ќе биде постигнато.
„Би истакнал дека политичките односи меѓу Република Македонија и Република Турција се на највисоко ниво, но трговијата сметам дека треба да ја подигнеме на повисоко ниво и наша заложба на МАТТО е трговскиот однос меѓу Македонија и Турција да достигне милијарда долари. Се надевам дека со позитивна енергија тоа ќе го постигнеме, затоа е и оваа работна средба помеѓу Владата и приватниот сектор. Со заеднички сили да го успееме тоа", порача Адемовски.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.