„Економската ситуација во Северна Македонија е сериозна поради ефектот на пандемијата“
„Нашата задача е што побргу да се вратиме на патот што ќе донесе солиден економски раст, достоинствени плати, создавање нови работни места, намалување на невработеноста, предвидлива даночна политика и генерално европска иднина“, рече Бесими

СКОПЈЕ
Министерот за финансии на Северна Македонија, Фатмир Бесими, истакна дека економската ситуација во земјата е сериозна поради ефектот на пандемијата и дека тоа треба да го сфатат и граѓаните и државните институции и приватниот сектор, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за финансии на Северна Македонија, Фатмир Бесими, денеска ја одржа својата прва конференција по стапувањето на функцијата, на која ги истакна приоритетите на Министерството во четиригодишниот мандат.
Истакнувајќи дека Министерството за финансии интензивно работи на четвртиот пакет економски мерки за зајакнување на ликвидноста и финансиската стабилност на фирмите и за поттикнување на приватната потрошувачка и инвестициите, Фатмир Бесими рече дека тоа нема да биде лесно поради сериозноста на состојбата и големата неизвесност од епидемијата на коронавирусот.
„Значи прво и основно, ситуацијата економска е сериозна и сите треба да го сфатиме, и граѓаните и државните институции и приватниот сектор. Но ова не е за да уплашиме некого, напротив, да ја сфатиме сериозноста. Има ли решенија? Има!“, нагласи министерот Бесими.
Министерот Бесими додаде дека силите на Владата ќе бидат насочени кон намалување на ударот од кризата и кон подобрување на економијата.
„Нашата задача е што побргу да се вратиме на патот што ќе донесе солиден економски раст, достоинствени плати, создавање нови работни места, намалување на невработеноста, предвидлива даночна политика и генерално европска иднина, тука пред сè мислам на нашите граѓани“, рече Фатмир Бесими.
Тој додаде дека целта на Владата е да се подобри економијата во третиот и четвртиот квартал од годината, а во 2021 година очекуваат заживување на економската активност на среден рок, како резултат на раст на надворешната потрошувачка и извозот.
Министерот Бесими на денешната прес-конференција, исто така, најави и изработка на нов закон за ДДВ, со кој ќе им се дадат бенефиции на извозно-ориентираните компании и поактивно ќе се привлечат странските директни инвестиции.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.