економија

Пред турските новинари презентирани можностите за инвестирање во Македонија

„Во Република Македонија имаме економски зони, но истовремено направивме програма, план за економски раст, преку кои ќе дадеме исти можности, како за нашите, така и за странските компании“, истакна Бектеши.

Furkan Abdula  | 06.07.2018 - Обновена : 07.07.2018
Пред турските новинари презентирани можностите за инвестирање во Македонија (Foto: Vedat Abdul/ AA)

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Во организација на Стопанската комора на Македонија и Турција (МАТТО), денес во Скопје се одржа Програма за промоција на Република Македонија како инвестициона, деловна и туристичка дестинација, во која беше присутна делегацијата на турското Здружение на економски новинари, како и економските новинари од земјата, јавува Anadolu Agency (AA).

На оваа Програма, која беше организирана во рамките на посетата на турското Здружение на економски новинари во Македонија, беа присутни министерот за економија на Република Македонија, Крешник Бектеши, министерот без ресор, задолжен за странски инвестиции, Аднан Ќахил, претседателот на МАТТО, Ајдован Адемовски, претседателот на Здружението на економски новинари на Република Турција, Џелал Топрак и неговата делегација, претставниците на компаниите членки на МАТТО, како и економските новинари од земјата.

Министерот Ќахил рече дека една од најважните цели на Владата на Република Македонија е економскиот развој, и дека во оваа насока, Македонија се наоѓа на многу значајна положба.

Ќахил потсети дека Македонија има постигнат договор за слободна трговија, пред сè, со Турција, и со земјите од регионот како Бугарија и Украина. Од 11 компании кои во последниот период инвестираа во слободната зона во Македонија, 5 се од Турција“, нагласи тој.

Како што рече министерот Ќахил, нивната цел е доведување на соработката во економијата со соседните и другите земји на повисоки нивоа.

Тој се осврна и на можностите за инвестирање во слободните зони, и рече дека инвестициите во оваа зона се исклучени од повеќе даноци до 10 години.

„Имаме една Македонија чија врата се отвора кон Европа, и чија инфраструктура и политичка состојба се добри“, рече Ќахил, истакнувајќи дека Владата нуди различни финансиски поддршки во различни сектори.

Ќахил нагласи дека Македонија во иднина ќе биде значајна земја во областа на економијата.

„Владата на Република Македонија нуди услуги за странските инвеститори на повеќе нивоа, особено за тие кои доаѓаат од Турција“, додаде тој.

Министерот Ќахил изјави дека производството е важно во развојот на една земја, и дека ќе продолжат да го поттикнуваат.

Министерот за економија на Македонија, Бектеши, во своето обраќање истакна дека Македонија е мала земја која од ден на ден оди напред и се стабилизира, посочувајќи дека се очекува наредната недела земјата да добие покана за членство во НАТО.

Бектеши посочи дека тие, како министри на новата Влада, од преземањето на функциите почнале да работат на нов план за поттикнување нови инвестиции. 

„Во Република Македонија имаме економски зони, но истовремено направивме програма, план за економски раст, преку кои ќе дадеме исти можности, како за нашите, така и за странските компании“, истакна Бектеши.

Тој ги повика турските економски новинари кои престојуваат во Македонија да ги пренесат своите искуства во Турција, со надеж дека на тој начин ќе се создаде подобра слика за Македонија за во иднина да се зголемат турските инвестиции во земјата.

Министерот за економија на Македонија потенцираше дека Македонија нуди бројни поволности за почнување бизнис, посочувајќи дека преку инвестирањето во Македонија сите турски компании може да освојат европски и светски пазари.

Претседателот на МАТТО, Адемовски, во своето излагање пред присутните рече дека МАТТО е мост помеѓу Македонија и Турција, истакнувајќи дека балканските држави се од стратешко значење за инвестициите на Република Турција.

„Имајќи ги предвид и роднинските врски што ги имаме со Република Турција, сакаме нашата земја да ја претставиме на најдобро ниво во Турција и да ги повикаме сите инвеститори што сакаат да инвестирааат надвор, прва дестинација да им биде Македонија“, рече Адемовски.

Тој истакна дека со основањето на МАТТО драстично се зголемиле инвестициите кои изнесуваат околу милијарда и 800 милиони долари, а дека стоковата размена се движи околу 400 милони долари. Како што рече Адемовски, тенденција на владите на Република Македонија и на Република Турција е во наредните години да се достигне цифра од најмалку милијарда долари.

Адемовски апелираше до политичарите, и на економски план да ги реализираат извонредните односи меѓу двете земји.

Од друга страна, претседателот на Здружението на економски новинари на Турција, Топрак, истакна дека во Македонија се чувствува како дома. „Во тој контекст, ќе бидеме многу среќни ако со овој состанок дадеме придонес во развојот на инвестициите, без оглед што можеби е и мал. Овој состанок е проект кој произлезе од двајца пријатели. Сите ние ќе бидеме среќни ако трговијата и економијата се градат врз пријателство“, додаде тој.

По одржаните говори, претставниците на турските компании кои инвестирале во Македонија, како „Сити Плаза Холдинг", „Халкбанк" , „Џевахир Холдинг“, „Ерак груп“, „ТАВ", „Лимак" и „Суташ", ги пренесоа своите искуства и препораки.

На овој настан беа присутни претставници на околу 16 медиуми од Турција, меѓу кои и претставници на Anadolu Agency (AA), кои во периодот од 5 до 8 јули ќе престојуваат во Македонија.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.