Министерот за финансии на Северна Македонија, Бесими: „Буџетот е во стабилна кондиција"
„Тоа што би требало да го знае пошироката јавност и граѓаните и бизнис-заедницата е дека буџетот е во стабилна кондиција, во ниту еден момент низ целата криза не била во прашање ликвидноста на буџетот“, нагласи министерот Фатмир Бесими.

СКОПЈЕ
Министерот за финансии на Северна Македонија, Фатмир Бесими, истакна дека буџетот е во стабилна кондиција и дека во ниту еден момент низ целата криза не била доведена во прашање ликвидноста на буџетот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, и министерот за финансии, Фатмир Бесими, денес имаа работна средба со претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, во врска со иницијативите од бизнис-заедницата, кои се прифатливи за Министерството за финансии.
Министерот Бесими, истакнувајќи дека буџетот на државата е во рамките на проекциите, рече дека во февруари се очекува приходите да бидат подобри во споредба со истиот месец од минатата година и дека економската активност во земјата полека се враќа во нормала.
„Тоа што би требало да го знае пошироката јавност и граѓаните и бизнис-заедницата е дека буџетот е во стабилна кондиција, во ниту еден момент низ целата криза не била во прашање ликвидноста на буџетот“, нагласи министерот Фатмир Бесими.
Во однос на тоа дали и кога ќе биде издадена еврообврзницата, министерот Бесими, истакнувајќи дека во самиот буџет стои колку од буџетскиот дефицит ќе се покрие со домашно и странско задолжување, рече дека граѓаните и јавноста ќе знаат за денот кога ќе биде издадена еврообврзницата.
Бесими, нагласувајќи дека земјава ќе треба да ги има во целост усогласено царинските стапки со оние на ЕУ кога ќе стане нејзина членка, додаде дека до крајот на март ќе треба да излезе првичниот драфт на Царинскиот тарифник.
Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, истакна дека Стопанската комора на Македонија ја гледаат како еден од клучните чинители и како партнер во креирањето на политики.
„Затоа што сметаме дека само со еден таков пристап во коjшто имаме партнерски односи, креираме атмосфера на дијалог. Една од клучните вредности на оваа влада е да креираме предвидливо деловно опкружување“, рече Битиќи, додавајќи дека за него не постои табу за теми кои не можат да се отворат.
Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, на денешната средба упати апел до Собранието да ги изгласа економските закони, затоа што, според него секое кочење на законите значи сериозен удар за стопанството и компаниите.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.