свет, економија

Започна самитот на АПЕК во Јужна Кореја

– Самитот на лидерите на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) започна денес во крајбрежниот град Ѓеонгџу, Јужна Кореја, со главна цел унапредување на економската соработка и раст во услови на глобални трговски предизвици

Islam Uddin  | 31.10.2025 - Обновена : 01.11.2025
Започна самитот на АПЕК во Јужна Кореја

АНКАРА (АА) – Самитот на лидерите на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) започна денес во крајбрежниот град Ѓеонгџу, Јужна Кореја, со главна цел унапредување на економската соработка и раст во услови на глобални трговски предизвици, јавува Анадолу.

Дводневниот самит, со кој претседава јужнокорејскиот претседател Ли Џае Мијонг, ги обедини лидерите на клучните економии од регионот, меѓу кои и кинескиот претседател Си Ѓинпинг, јапонската премиерка Санае Такаичи, австралискиот премиер Ентони Албанезе, малезискиот премиер Анвар Ибрахим, индонезискиот претседател Прабово Субијанто и филипинскиот претседател Фердинанд Маркос Џуниор.

На самитот учествуваат и премиерот на Нов Зеланд, Кристофер Лаксон, виетнамскиот претседател Луонг Куонг и канадскиот премиер Марк Карни.

Претседателот Ли, исто така, се сретна за прв пат со својот кинески колега Си откако ја презеде функцијата во јуни оваа година.

Американскиот претседател Доналд Трамп не присуствува на настанот, откако вчера ја напушти Јужна Кореја по деловниот форум и билатералните средби со Ли и Си.

Претседателот Ли, кој првпат како домаќин го отвори самитот на АПЕК по две децении, изјави дека Сеул има намера да ја зајакне соработката меѓу земјите членки за постигнување заеднички просперитет и одржлив развој.

„Соработката и солидарноста се најсигурниот пат кон подобра иднина“, изјави Ли, додавајќи дека светот се наоѓа „на критична пресвртница“ во време на брзи глобални промени.

Главните теми на овогодинешниот самит се регионалната економска интеграција и трговската соработка.

Јужна Кореја се стреми кон усвојување заедничка „Ѓеонгџу декларација“, со фокус на клучни приоритети како што се вештачката интелигенција (AI) и демографските предизвици.

Во текот на двете сесии, лидерите ќе ги разгледаат препораките на министрите за надворешни работи и трговија, кои вклучуваат мерки за подобрување на синџирите на снабдување, дигитална трансформација и инклузивен раст во целиот Азиско-пацифички Регион.

Јужнокорејската Влада распореди илјадници полицајци и 3.900 воени лица за обезбедување високо ниво на безбедност за време на овој значаен меѓународен настан.


- „Кина нема да ги затвори своите врати кон светот“

Кинескиот претседател Си Ѓинпинг, во своето обраќање, ја потврди посветеноста на Кина кон понатамошно отворање на својата економија кон светот и повика на заедничко зачувување на мултилатералниот трговски систем.

„Кина нема да ги затвори своите врати кон надворешниот свет, туку ќе ги отвори уште пошироко“, изјави Си, според новинската агенција Синхуа.

Тој претстави предлог од 5 точки за унапредување на инклузивна и заемно корисна глобализација и за градење заедница со заедничка иднина во Азиско-пацифичкиот Регион.

Си, исто така, ги повика земјите членки на АПЕК да работат заедно на одржување на стабилни и непречени индустриски и снабдувачки синџири.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın