Си Ѓинпинг во разговор со Трамп: Кина бара „долгорочни придобивки“, не „циклус на одмазда“
- Си го повика Вашингтон да се „фокусира на долгорочните придобивки што ги носи соработката, наместо да западне во циклус на одмазди“, додавајќи дека двете земји треба да одржуваат „позитивна интеракција на регионално и меѓународно ниво“.
 
                ИСТАНБУЛ (АА) – Претседателот на Кина, Си Ѓинпинг, денес изјави дека Пекинг бара „долгорочни придобивки“ од соработката со САД, наместо влегување во „маѓепсан циклус на одмазда“, јави државната новинска агенција Синхуа по неговиот состанок со американскиот претседател Доналд Трамп, јавува Анадолу.
Си го повика Вашингтон да се „фокусира на долгорочните придобивки што ги носи соработката, наместо да западне во циклус на одмазди“, додавајќи дека двете земји треба да одржуваат „позитивна интеракција на регионално и меѓународно ниво“.
Тој истакна дека економските и трговските тимови на Кина и САД одржале „детални разговори“ и постигнале „консензус околу решенијата на постојните проблеми“, при што двете страни ќе продолжат да ја намалуваат листата на несогласувања и да ја прошират листата на соработка.
„Економските и трговските односи треба да бидат темел и двигател на билатералните врски, а не извор на конфликти или пречки“, рече Си.
Тој додаде дека Кина не настојува да предизвика или замени ниту една земја, туку се фокусира на економски развој и соработка, нагласувајќи дека Кина има капацитет да се справи со сите ризици и предизвици.
Си најави дека Пекинг ќе продолжи со „сеопфатно продлабочување на реформите“ и ќе го „зголеми отворањето кон остатокот од светот“.
Средбата меѓу двајцата лидери се одржа во јужнокорејскиот пристаништен град Пусан, што претставува прва средба по шест години. Последниот пат Си и Трамп се сретнаа во јуни 2019 година на самитот на Г20 во Осака, Јапонија.
Двајцата лидери престојуваат во Јужна Кореја по повод 32. Самит на лидерите на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК), што се одржува во градот Ѓонгџу.
Трамп во средата одржа средба со бизнис-лидерите на АПЕК, а во четвртокот замина за САД по разговорите со кинескиот претседател.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата. 
             
 
             
                                     
                                     
                                     
                                     
                                    