Ikrame Imane Kouachi
16 Февруари 2025•Ажурирај: 18 Февруари 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Пратка со тешки бомби од американско производство, која администрацијата на Џо Бајден ја задржуваше од мај минатата година, пристигна во Израел, јавува Анадолу.
Израелското Министерство за одбрана соопшти дека брод со ракети МК-84 притигнал во пристаништето Ашдод. Товарот бил истоварен на десетици камиони и однесен во израелските воздухопловни бази.
Пратката беше задржана од администрацијата на поранешниот американски претседател Бајден во мај минатата година по израелската копнена офанзива во градот Рафа во јужниот дел на Газа.
„Пратката муниција што пристигна во Израел вечерва, испратена од администрацијата на Трамп, претставува значајна предност за воздухопловните сили и ИДФ (армијата) и служи како дополнителен доказ за силното сојузништво меѓу Израел и САД“, рече министерот за одбрана Израел Кац и додаде:
„Им благодарам на претседателот Доналд Трамп и на американската администрација за нивната непоколеблива поддршка за државата Израел. Ќе продолжиме да работиме заедно во јакнењето на нашата безбедност.“
Според податоците на Министерството, од 7 октомври 2023 година, во Израел пристигнале 76.000 тони воена опрема со 678 транспортни авиони и 129 бродови, главно од САД.
МК-84 е ненаведувана, силно експлозивна бомба, тешка приближно еден тон. Таа е дизајнирана да уништи големи структури и да предизвика масивни оштетувања во широк радиус.
Овие тешки бомби беа користени во израелското бомбардирање на баптистичката болница Ал-Ахли во Газа, во кое беа убиени повеќе од 470 луѓе во октомври 2023 година.
Договорот за прекин на огнот во Газа стапи на сила на 19 јануари, со што беше запрена геноцидната војна во Израел, во која се убиени повеќе од 48.200 Палестинци, главно жени и деца, а енклавата остана во урнатини.