Годишната нето-добивка на „Сони“ за првпат надмина 1 трилион јени
„Го надминавме прагот од 1 трилион јени како резултат на десетгодишни кумулативни напори. Ова не е моментална промена“, истакна главниот финансиски директор на „Сони“ Тотоки Хироки

ТОКИО
Производителот на електроника „Сони“ објави дека остварувајќи нето-добивка од 1,17 трилиони јени (11 милијарди долари) во фискалната 2020 година, за првпат го надмина прагот од 1 трилион јени, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Се забележува дека групацијата „Сони“ прикажа рекордно зголемување на нето-добивката во билансот на состојба за периодот март 2020 - март 2021, време во кое епидемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19) продолжи да влијае врз економијата.
Според ажурираните биланси на состојбата, продажбата на оваа компанија се зголеми за 9 % и изнесува 9 трилиони јени (82 милијарди долари), а оперативниот профит порасна за 15 %, достигнувајќи 971 милијарда јени (9 милијарди долари).
За одбележување е фактот дека зголемувањето на приходите се должи на зголемувањето на побарувачката во индустријата за игри во време на епидемијата на Ковид-19 и лансирањето на конзолата „ПлејСтејшн 5“ во ноември 2020 година.
Тотоки Хироки, главниот финансиски директор на „Сони“, на прес-конференцијата што ја организира онлајн, истакна „Го надминавме прагот од 1 трилион јени како резултат на десетгодишни кумулативни напори. Ова не е моментална промена.“
Компанијата „Сони“, која дејствува во индустријата за електроника, компјутерски игри, музика и финансиски услуги, претходно објави најголема годишна нето-добивка од 916 милијарди јени (8,5 милијарди долари) во 2018 година.
Во соопштението на групацијата „Хитачи“ се вели дека нето-добивката на оваа компанија за фискалната 2020 година изнесува 501 милијарда јени (4,6 милијарди американски долари), што е за шестпати повеќе во споредба со претходната фискална година.
Во соопштението, вниманието се насочува кон зголемената побарувачка за информатички технологии со мерки за намалување на трошоците применети во периодот кога продолжува влијанието на епидемијата на Ковид-19 врз економијата.