живот, Балкан

62 години од разорниот скопски земјотрес: Сведок се сеќава на најцрното утро во историјата на градот

Катастрофалниот земјотрес кој одзеде над 1.000 животи и предизвика голема материјална штета, денес ја одбележува 62-годишнината.

Aida Cako  | 26.07.2025 - Обновена : 26.07.2025
62 години од разорниот скопски земјотрес: Сведок се сеќава на најцрното утро во историјата на градот Фото: Умејс Сулејман / АА

СКОПЈЕ

– Аида ЦАКО


„Три ѕида беа паднати на креветот на сестра ми. Да беше тука, сигурно ќе настрадаше.“

Со овие зборови, 76-годишниот Ванчо Димишковски – денес пензионирано воено лице – во разговор со Анадолу се навраќа на најтешкиот ден во историјата на Скопје – 26 јули 1963 година, кога земјотрес со јачина од 6,1 степен според Рихтеровата скала го погоди градот.

Катастрофата која одзеде над 1.000 животи и предизвика голема материјална штета, денес ја одбележува 62-годишнината.

Скопје се најде под урнатини, но во тој прав и страв, никнаа и илјадници приказни за преживувањето, солидарноста и човечката храброст.

Димишковски, кој е роден и израснат во скопската населба Дебар Маало, во моментот на земјотресот бил дома со неговиот татко и негов пријател. Тогаш имал само 14 години.

„Во моментот кога се случи земјотресот беше наутро 5 и 17 минути, општопозната работа, кај нас беше еден пријател од татко ми, дојден човекот од Белград. Крупен човек, ја шутна влезната вратичка, истрча на улица, излеговме“, се присетува тој.


„Минутата беше како година“

Ванчо се присетува на сликата пред очи кога излегол надвор, сцени што наликуваат на апокалипса, луѓе во паника, вресоци, чад и урнатини.

„Првите тие моменти – минутата е година. Пукнати куќи, чад се гледа од страна. Општа паника – луѓе трчаат, а не знаат каде трчаат. Бараат спас, а не знаат од што.“

Кога конечно успеал да се прибере од шокот, Ванчо видел што се случило со нивниот дом – ѕидовите испукани, делови од куќата срушени. Но најстрашната мисла останала – дека сестра му можела да биде жртва.

„Три ѕида беа паднати на креветот на сестра ми. Да беше тука, сигурно ќе настрадаше. Среќа, не беше ни таа ни мајка ми. Ние бевме сами…“, вели тој.

Со часови и денови по потресот, градот бил во целосен колапс – немало храна, комуникација, електрична енергија ни јасна слика за тоа што следува.

Но, благодарение на брзата реакција на Југословенската народна армија, во рок од првите неколку дена започнало делење на вода, храна и шатори.


Четири дена со лопата – да ја спаси саканата

Во тие денови на безнадежност, се раѓале и херојски приказни – како онаа за соседот на Ванчо, дедо Младен.

„Имав комшија и комшика во нашата улица. Жената, тетка Крстана, продаваше новини. Во самата станица имаше киоск – ја поклопи кога се урна станицата. Дедо Младен, маж ѝ, четири дена и четири ноќи со свои лопати ја откопуваше. Му викале: ‘бегај човек’. ‘Оставете ме, кај таа таму, таму сум и јас’, им велеше. Ја ископа жива и ѝ пружија помош.“

Но, не сите имаа среќа. Некои животи згаснаа во миг, како што бил случајот со братучедот на неговата другарка, инаку студент во Белград, кој се вратил дома да ги види неговите ден пред земјотресот, но за жал наредниот ден не го дочекал.

Можеби поминале децении, но секој јули, еден спомен излегува на површина.

На Ванчо не му е лесно кога се присетува на случките од земјотресот.

„Кога зборувам за тоа, мене секогаш ме мачат емоции. Тоа си останува. Можеби во поголемиот дел од животот е негде таму, но знае да избие на површина – кога ќе притресе, до каде ќе оди, дали ќе нѐ најде пак Скопје?“


Земјотресот во Скопје

На 26 јули 1963 година во 5:17 часот, Скопје било разурнато од земјотрес со јачина од 6,1 степен според Рихтеровата сеизмичка скала, кој траел 20 секунди, а помали потреси имало до пет часот и 43 минути.

Скопскиот земјотрес бил почувствуван на простор од околу 50.000 квадратни километри, низ долината на реката Вардар. Од потресот биле урнати 15.800 станови, а оштетени околу 28.000.

Над 200.000 луѓе останале без покрив над главата. Под урнатините животот го загубиле 1.070 негови граѓани, а биле повредени над 4.000 граѓани.

По земјотресот градот почнал да се гради по урнек по проектите на Кензо Танге и Адолф Циборовски.

Старата железничка станица денес е Музеј на Град Скопје и претставува симбол на големиот земјотрес.

Часовникот на станицата е засекогаш сопрен на фаталните 5 часот и 17 минути.

Според кажувањата на скопјани, првата помош за граѓаните на Скопје дошла од војската и граѓаните на тогашните југословенски републики и неколку дена по земјотресот започнале да пристигнуваат и помош и спасувачки екипи од целиот свет.

Вкупно 87 нации од светот испратиле некаква помош во Скопје и помогнале тоа да се изгради повторно, па поради тоа градот го носи и епитетот „град на солидарноста“.

Ден по земјотресот, претседателот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, Јосип Броз-Тито, изјавил: „Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје повторно ќе го изградиме. Тоа ќе стане гордост и симбол на братството и единството, на југословенската и светската солидарност.“

Оваа изјава на Тито и денес стои закачена на Старата железничка станица како меморијал за солидарноста во изградбата на Скопје по земјотресот.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.