„Се залагаме за компромис за прашањето на Косово, во согласност со Резолуција 1244"
„Без Русија нема да има никакво решение за тоа прашање, а не мислам дека решението е блиску", изјави претседателот на Србија

Belgrade
БЕЛГРАД (AA) - Ставот на Русија за прашањето на Косово е познат, ние се залагаме за постигнување взаемно прифатлив компромис во согласност со Резолуцијата на Советот на безбедност на Обединетите нации 1244, изјави денес во Белград претседателот на Русија Владимир Путин, додека претседателот на Србија Александар Вучиќ рече дека без Русија нема да има никакво решение за Косово, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ние се залагаме за постигнување взаемно прифатлив компромис во согласност со Резолуцијата 1244. За жал, имаше неколку провокациски чекори, пред се мислам на формирањето на Војската на Косово, тоа е директно кршење на Резолуцијата 1244", рече Путин на заедничката конференција за новинарите со претседателот на Србија во Белград.
Како што рече Путин, Русија во потполност ја дели загриженоста на Србија и нејзините граѓани, разбирајќи дека таквите чекори можат да придонесат кон дестабилизација на Балканот.
„Внимателно следиме што се случува во регионот, ќе работиме со сите наши партнери за да меѓународното право биде испочитувано, а решението праведно", рече Путин.
Рускиот претседател истакна и дека „мораме да ги убедиме нашите партнери дека мора да се најде компромис, ако сакаме стабилност во регионот".
„Русија секогаш активно учествувала во решавањето на тие прашања. ЕУ е посредник, но, за жал слабо се исполнува сето тоа. Формирањето на Заедницата на срспките општини требаше да се случи, но ништо. По Резолуцијаа 1244 предвидена е можност за присуство на српската полиција на Косово. Каде е тоа? Ништо нема. Мора да постои поголемо почитување кон меѓународното право и само така може да се најде решение", оцени Путин.
- „Не гледам скоро решавање на косовското прашање"
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на Путин му рече дека Србија е секогаш спремна за разговори и компромиси, но дека не е спремна на понижување.
„Се плашам дека некои не се спремни. Ние и понатаму ќе бараме компромиси и ќе инсистираме на тоа", наведе Вучиќ.
ако што додаде, преговорите за прашањето на Косово се водени додека стопроцентните такси на српските производи не се воведени.
„Што се однесува до Русија, без Русија и нејзините сили во СБ на ОН јасно е дека никакво решение нема да има. Пред секое решение, јас ќе се посоветувам со претседателот Путин. Не гледам решение, се надевам, но не мислам дека е блиску и дека во некој скорешен рок ќе го постигнеме" оцени Вучиќ.
Запрашан дали ќе се зголемат притисоците на Србија поради јакнење на односите со Русија, претседателот на Србија одговори дека нема проблем со тоа што ќе говори некој во светот, туку дека Србија треба да се гордее што е слободна, независна држава во донесување на одлуки и дека никој нема да одлучува каква политика ќе води.
- Соработка на двете земји
Двајцата претседатели разменија и 26 спогоди за соработка на Србија и Русија, на што Путин рече дека клучна точка на соработката е енергетиката, додавајќи дека извозот на рускиот гас е 2,3 милијарди кубни метри, и дека Гаспром планира тоа да го зголеми следната година на 3,5 милијарди.
„Разговаравме и за зголемување на складишта на гас со 450 на 750 милиони кубни метри", рече Путин и потсети дека „Gaspromnjeft" вложила во Нафтната индустрија на Србија (НИС) три милијарди долари, а спремна е да вложи уште 1,4 милијарди.
„НИС највеќе придонесува за буџетот на Србија и една е од најсилните корпорации во Југоисточна Европа", оцени Путин кој напомена дека јакне соработката во областа на инфраструктурата, воената соработка, одржување на заеднички воени вежби.
Претседателот на Србија истакна дека државата е задоволна од напредокот на соработката со Русија, затоа што трговската размена е се поголема, а економските односи сѐ подобри.
Како што додаде, Србија е зависна од Русија во снабдувањето со гас, и дека се разговарало за изградба на гасовод во иднина, како и за зголемување на капацитетите на складиштата за гас.
„Разговаравме за инфраструктурата, воената соработка, Путин секогаш излегуваше в пресрет на Србија и на нејзиниот народ", рече Вучиќ.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.