Балкан

Северна Македонија, Албанија и Косово го поздравија договорот меѓу Израел и Хамас за прекин на огнот во Газа

Северна Македонија го поздравува „објавувањето на договорот што носи надеж за одржлив мир во Газа и означува чекор кон трајна стабилност во регионот“

Elena Trenchevska Chekovic  | 09.10.2025 - Обновена : 10.10.2025
 Северна Македонија, Албанија и Косово го поздравија договорот меѓу Израел и Хамас за прекин на огнот во Газа

СКОПЈЕ (АА) - Северна Македонија, Албанија и Косово го поздравија договорот меѓу Израел и Хамас за прекин на огнот во Газа за првата фаза од планот за прекин на огнот во енклавата, јавува Анадолу.

- Муцунски: Договорот носи надеж за одржлив мир во Газа -

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, истакна дека земјата го „поздравува објавувањето на договорот што носи надеж за одржлив мир во Газа и означува чекор кон трајна стабилност во регионот“.

Во објавата на американската компанија за социјални медиуми Х тој наведе дека Северна Македонија го поздравува одлучното водство на претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, „и неуморните напори на Катар, Египет и Турција во олеснувањето на ова историско достигнување што ќе ги врати заложниците дома и ќе овозможи доставување хуманитарна помош до цивилите.“

- Албанскиот претседател Бегај: Дијалогот и меѓусебното разбирање се единствен пат кон одржлива иднина на Блискиот Исток -

Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, преку Х нагласи дека договорот од првата фаза од мировниот план меѓу Израел и Хамас претставува важен чекор кон праведен и траен мир, прекин на непријателствата и ослободување на заложниците.

„Ја ценам улогата на претседателот на САД, Доналд Џ. Трамп, за неговиот придонес и посветеност во постигнувањето на овој историски мировен процес“, напиша Бегај.

Тој изрази уверување дека дијалогот и меѓусебното разбирање се единствен пат кон одржлива иднина на Блискиот Исток.

- Косовската претседателка: Одлучувачки момент за мир, мир што е итен, мир што одамна е задоцнет -

И претседателката на Косово, Вјоса Османи, од своја страна, го поздрави постигнувањето договор. Во објавата на американската платформа за социјални медиуми X таа истакна дека американскиот претседател Доналд Трамп и неговата администрација покажале вистинско лидерство во воспоставувањето мир меѓу народите на Израел и Палестина.

„Одлучувачки момент за мир. Мир што е итен. Мир што одамна е задоцнет. Претседателот Доналд Трамп и неговата администрација покажаа вистинско лидерство и посветеност на воспоставувањето траен мир за Израелците и Палестинците, како и неуморна посветеност на ставање крај на страдањата што ги претрпеа генерации невини луѓе“, напиша таа.

Османи изрази искрена благодарност до медијаторите Катар, Египет и Турција за континуираната посветеност на мирот и за нивната клучна улога во овозможувањето на ова достигнување.

Планот од 20 точки, првично објавен на 29 септември, вклучува ослободување на сите израелски заробеници во замена за палестински затвореници, прекин на огнот, разоружување на Хамас и обнова на Газа.

Од октомври 2023 година во израелските напади во Газа убиени се речиси 67.200 Палестинци, повеќето од нив жени и деца.

Немилосрдното бомбардирање ја остави Газа во голема мера несоодветна за живот, доведе до глад и ширење на болести.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.