политика, Балкан

„Отворен Балкан да остане економска иницијатива, не е политички проект“

Американскиот претставник Ескобар рече дека САД не го гледаат Западен Балкан од гледна точка на конфликтите во 1990-тите, туку од гледна точка на иднината, како регион со меѓусебна соработка, регион кој ја искористува својата географска положба

Abdula Berisha   | 08.06.2022
„Отворен Балкан да остане економска иницијатива, не е политички проект“ Фото: Furkan Abdula/АА

ОХРИД (АА) - Претставниците на Европската Унија (ЕУ) и Соединетите Американски Држави (САД) изразија поддршка за иницијативата „Отворен Балкан“, нагласувајќи дека станува збор за економска иницијатива која треба да придонесе за евроинтеграцискиот процес на земјите од регионот, јавува Агенција Анадолија (АА).

На отворањето на Самитот „Отворен Балкан“ што се одржува во Охрид, се обратија еврокомесарот за проширување и соседска политика, Оливер Вархеји, како и специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој на присутните им се обрати преку видеоврска.

Американскиот претставник Ескобар рече дека САД не го гледаат Западен Балкан од гледна точка на конфликтите во 1990-тите, туку од гледна точка на иднината, како регион со меѓусебна соработка, регион кој ја искористува својата географска положба.

Тој нагласи дека САД ја поддржуваат иницијативата, додавајќи дека таа отвора големи можности за Европа и САД.

„Навистина ја охрабрувам оваа иницијатива да остане економска. Тоа не е политички проект, тоа е важен економски проект“, рече Ескобар, додавајќи дека целта на иницијативата не треба да остане само регионалната економска интеграција, туку интеграцијата во ЕУ.

Тој, исто така, рече дека за да биде успешна, иницијативата треба да биде отворена за сите и да ги вклучи шесте земји од Западен Балкан.

Европскиот комесар Вархеји, од друга страна, рече дека иницијативата „Отворен Балкан“ треба да ја забрза интеграцијата на регионот во ЕУ.

Тој истакна дека кога станува збор за евроинтеграциите, за граѓаните е многу поважно да се подобри животниот стандард, отколку самиот процес на интеграција.

„Најчесто во јавниот домен зборуваме за процеси, зборуваме за преговарачки рамки, зборуваме за „нон-пејпер“ итн. Но, да бидам искрен со вас, и можеби не треба да го кажам ова како комесар, тоа не е интересно. Тоа воопшто не е интересно за нашиот народ, било за нашите луѓе во Европа, или за луѓето од Западен Балкан. Затоа што мислам дека нивното главно прашање е: кога ќе живееме како тие во Европа?“, рече Вархеји.

Тој рече и дека ова е иницијатива која произлегла од земјите од регионот и дека се задоволни од досегашните резултати.

Вархеји, исто така, рече дека регионот има голем потенцијал и дека ЕУ може да помогне да се постигнат најдобри можни резултати.

Иницијативата „Отворен Балкан“ моментално опфаќа економска и политичка област меѓу Албанија, Северна Македонија и Србија, која има за цел да ги поттикне можностите за трговија и размена за околу 12 милиони луѓе, како и да ја поттикне интеграцијата на трите земји во Унијата. За првпат од постоењето на иницијативата, на нејзин самит учествуваат и лидерите од Црна Гора и Босна и Херцеговина.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.