Музичката работилница „Две култури - еден ритам“ отворена во Скопје со поддршка од Институтот „Јунус Емре“
- Работилницата, која ја реализира Одделот за музика и традиционални танци на Државниот музичко-балетски училиштен центар „Илија Николовски-Луј“, се одржува со поддршка од Турскиот културен центар Институт „Јунус Емре“.

СКОПЈЕ (АА) – Денес во Скопје започна музичката работилница „Две култури - еден ритам“, каде што ќе се учи за употребата на турски музички инструменти, јавува Анадолу.
Работилницата, која ја реализира Одделот за музика и традиционални танци на Државниот музичко-балетски училиштен центар „Илија Николовски-Луј“, се одржува со поддршка од Турскиот културен центар Институт „Јунус Емре“ (ИЈЕ). Церемонијата на отворање се одржа во Центарот на Институтот „Јунус Емре“ во Скопјe.
Директорот на Институтот „Јунус Емре“-Скопје, Јунус Дилбер, им се заблагодари на наставниците и учениците од училиштето за нивното учество во програмата.
„Општината Башакшехир (во Истанбул) ни донираше турски музички инструменти. Тие сакаа да ги поврзат овие инструменти со нашите наставници. Се надевам дека во текот на следните седум недели тука ќе одржувате теоретска и практична настава“, рече Дилбер.
Наставничката по народна музика и танц во училиштето Гордана Тасева Илиевска, исто така, изрази благодарност за поддршката од ИЈЕ и им посака успех на учениците што учествуваат во работилницата.
Таа најави дека на крајот од овој процес, со поддршка од ИЈЕ, на 23 декември ќе се одржи концерт во Филхармонијата во Скопје. „Денес ќе ја започнеме првата работилница со теоретско предавање, односно воведување во чалгиската народна музика, музика што ни доаѓа токму од Турција“, рече таа.
Наставникот по народни инструменти Оливер Настовски се потсети дека се запознал со инструментот уд во текот на студентските години и дека во тоа време професорите издвоиле буџет за запознавање со овој инструмент.
Тој рече дека во училиштето се фокусирал на полето на инструментите.
„Целта на овие инструменти е нивната употреба, секој инструмент, пред сѐ, е практика. И тоа секогаш им го зборувам на моите ученици, дека без вежбање на инструментот не може да постигнеме никаков успех. Можеби еден отсто е талент, а сѐ друго е вежбање“, изјави Настовски.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.