Балкан

„Макканабис“ бара да се овозможи извоз на цвет од канабис

„За некои испитувања и за некои медицински истражувања, цветот е краен производ. Од тие причини ние го бараме тоа, за секоја држава во која ги третираат своите болни, тоа ќе биде краен производ“

Abdula Berisha  | 11.11.2019 - Обновена : 12.11.2019
„Макканабис“ бара да се овозможи извоз на цвет од канабис

СКОПЈЕ (АА) - Здружението на одгледувачи на медицински канабис во Северна Македонија, „Макканабис“, преку прес-конференција одржана пред Владата на Република Северна Македонија, ја повика извршната власт да овозможи извоз на цвет од канабис, јавува Anadolu Agency (AA).

Костадин Дуковски, претседател на здружението „Макканабис“, потсети дека на владината средба одржана минатиот четврток, повлечен е Предлог-законот со кој се овозможуваше извоз, притоа, потенцирајќи дека за компаниите нема враќање назад.

„На повеќе наврати, на повеќе прес-конференции се кажа дека законот ќе се смени, дека ќе се дозволи можноста за извоз на цветот. Тоа досега не сме го виделе. Би сакал да апелирам до Владата во најбрз можен рок да го смени [законот], ако ништо друго, ако не успее да го помине законот како што беше предложен, да смени само еден член“, рече Дуковски, додавајќи дека е многу важно да се овозможи извоз на цветот.

Тој, исто така, објасни дека и други земји кои дозволиле одгледување канабис за медицински цели, дозволиле извоз на цвет од канабис, и дека компаниите во Северна Македонија трпат дневни загуби затоа што ја немаат оваа можност.

Дуковски потсети дека во оваа област се присутни и странски компании кои инвестирале милиони евра и дека им било ветено дека законот ќе биде изменет, додавајќи дека министерот за здравство во неколку случаи го изјавил истото.

Од здружението најавија протести доколку измените во законот со кои се овозможува извоз на цвет од канабис не бидат одобрени во рок од 7 дена во Владата и Собранието.

„Не ја гледам причината зошто да не се дозволи да се извезува цветот. За некои испитувања и за некои медицински истражувања, цветот е краен производ. Од тие причини ние го бараме тоа, затоа што, за секоја држава во која ги третираат своите болни, тоа ќе биде краен производ“, рече Дуковски.

Здружението исто така информираше дека во консултација со домашни и меѓународни правници ја разгледува можноста за преземање правни дејствија против Владата на Северна Македонија.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.