Балкан

„Клучно за Северна Македонија е да се задржи на интензивните реформи“

„Се разбира дека во овој момент оваа посета е посета на охрабрување, доаѓа по недонесувањето на одлука и префрлањето на прашањето пред пролетниот самит идната година во Загреб од страна на Европската Унија“, нагласи Димитров

Husamedin Gina  | 18.11.2019 - Обновена : 19.11.2019
„Клучно за Северна Македонија е да се задржи на интензивните реформи“ (Foto: Husamedin Gina/ Anadolu Agency)

СКОПЈЕ (АА) - Министерката за надворешни работи на Кралството Шведска, Ан Линде, престојува во официјална посета на Република Северна Македонија, на покана од шефот на дипломатијата, Никола Димитров, јавува Агенција Анадолија (АА).

По тет-а-тет средбата, министрите Димитров и Линде одржаа заедничка-прес конференција на којашто рекоа дека во фокусот на разговорите била темата за европскиот пат на Северна Македонија.

Министерот Димитров, заблагодарувајќи се за долгогодишната принципиелна поддршка на Шведска во однос на европските аспирации на Северна Македонија, рече дека посетата во овој момент е посета на охрабрување.

„Се разбира дека во овој момент оваа посета е посета на охрабрување, доаѓа по недонесувањето на одлука и префрлањето на прашањето пред пролетниот самит идната година во Загреб од страна на Европската Унија. Разговаравме за импликациите од таа одлука, за нашиот реформски процес, за состојбите во земјата, но и пошироко во регионот“, нагласи Димитров.

Истакнувајќи дека Шведска и Северна Македонија имаат одлични билатерални односи, министерката за надворешни работи на Кралството Шведска, Ан Линде, рече дека Шведска обезбедува значајна помош за Северна Македонија за нејзиниот економски развој, во областа на човековите права и квалитетна животна средина.

„Клучно е Северна Македонија да се задржи на интензивните реформи. Историската спогодба од Преспа е од суштинско значење и од клучна важност за просперитетот во регионот“, истакна Линде, додавајќи дека е свесна за разочарувањето по недонесувањето одлука за датум за преговори со ЕУ и покрај сите напори што ги вложи Северна Македонија.

Таа, исто така, посочи дека Шведска и понатаму ќе дава поддршка на интегративните процеси во регионот и дека водат дискусии за ревизија на процесот за проширување на ЕУ.

На новинарско прашање дали го имаат разгледано предлогот од Франција за новата методологија за преговарње за членство во ЕУ, министерката Линде рече дека нон-пејперот на Франција стигнал во петокот и сè уште не е анализиран целосно и дека не е подготвена да каже ништо.

Министерот Димитров, исто така, рече дека нон-пејперот го добиле во петокот попладне и дека е предмет на потемелни анализи.

Во рамки на посетата, министерката Линде ќе биде примена и од претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, а ќе се сретне и со вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска-Јанковска, и со вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.