Џафери: „Мајка Тереза е симболот на љубовта кон човекот, на грижата и сочувството кон болните“
„Оваа плоча и мензата што имаме намера да ја подигнеме за сиромашните, според примерот за нејзината грижа, се најскромни комеморации, без никаква хиперболизација и препотенција, за најголемата хуманистка што ја знае историјата“, нагласи Асани

СКОПЈЕ
Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, во Скопје присуствуваше на манифестацијата „Денови на Св. Мајка Тереза“, по повод 110-годишнината од раѓањето на Гонџа Бојаџиу - Мајка Тереза, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во своето обраќање на манифестацијата каде што беше откриена и обновената спомен-плоча на местото на родната куќа на Гонџа Бојаџиу, рече дека „Мајка Тереза е симболот на бескрајната хуманост и на љубовта кон човекот“.
„Имам чест, во мое лично име и од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија, денеска, кога ја одбележуваме 110-годишнината од раѓањето на Мајка Тереза, симболот на бескрајната хуманост, симболот на љубовта кон човекот, на грижата и сочувството кон болните, кон сиромашните и кон не толку среќните во животот, тука, пред оваа спомен-плоча која ги симболизира темелите на родната куќа на оваа светски почитувана Албанка, да го изразам и споделам со сите вас тука присутни, чувството на искрена гордост што сум дел од овој собир“, нагласи Џафери.
Денес, како што наведе Џафери, кога светот се соочува со пандемијата на Ковид-19, која е глобална закана за здравјето на целото човештво, огромен удар врз темелите на секој здравствен и економски систем, сите подеднакво имаме потреба од заемна поддршка.
Апелирајќи до сите присутни да се почитува Мајка Тереза, претседателот на Собранието рече дека во ова корона-криза сите треба да сме совесни, одговорни, да се грижиме едни за други и на тој начин да придонесеме за победата над ова зло.
Скендер Асани, директорот на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците (ИДКНА), рече дека е особено задоволен што денеска, на 110-годишнината од нејзиното раѓање, ја откриваат спомен-плочата и ја промовираат книгата за Мајка Тереза.
„Оваа плоча и мензата што имаме намера да ја подигнеме за сиромашните, според примерот за нејзината грижа, се најскромни комеморации, без никаква хиперболизација и препотенција, за најголемата хуманистка што ја знае историјата“, нагласи Асани.
Тој исто така подвлече дека наскоро до Собранието на Република Северна Македонија ќе упатат предлог и елаборат со цел Мајка Тереза да се прогласи за национално богатство и да стане амблем и лична карта на земјата.
Манифестацијата беше организирана од Граѓанската асоцијација „Скопјанката Мајка Тереза“, Хуманитарното здружение „Мајка Тереза“ од Струга и Спомен-куќата на Мајка Тереза во Скопје.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.