Хрватска набавува системи против беспилотни летала во вредност од 125 милиони евра
- Хрватското Министерство за одбрана и извршниот директор на „Кончар“ потпишаа петгодишен рамковен договор за развој и испорака на систем за заштита од беспилотни летала
САРАЕВО (АА) - Вицепремиерот на Хрватска и министер за одбрана Иван Анушиќ и извршниот директор на „Кончар“, Гордан Колак потпишаа рамковен договор во вредност од 125 милиони евра за набавка на систем за спротивставување на беспилотни летала, со кој хрватските вооружени сили ќе ја зајакнат заштитата на воената инфраструктура и ќе одговорат на растечките безбедносни закани, а испораката е планирана до 2027 година, известува Анадолу.
„Ова е петгодишен Рамковен договор помеѓу Министерството за одбрана на Република Хрватска и компанијата 'Кончар Дигитал' д.о.о., со кој започнува повеќефазен проект за развој за опремување на Вооружените сили на Република Хрватска со системи против беспилотни летала како одговор на растечките безбедносни закани и сè поинтензивната употреба на беспилотни летала во современите воени операции“, објави хрватското Министерство за одбрана.
Вредноста на Договорот е 125 милиони евра без ДДВ, а испораката на системите е предвидена во 2027 година.
Проектот планира набавка на четири системи против беспилотни летала, два стационарни система наменети за заштита на критичната воена инфраструктура и два мобилни система интегрирани во возила за потребите на средна пешадиска бригада (воена формација што обезбедува баланс меѓу стратегиската мобилност и борбената моќ).
Анушиќ го изрази своето задоволство од потпишувањето на овој важен договор.
„Домашни компании, домашно знаење и домашни луѓе се вклучени во развојот на овој голем проект, кој дефинитивно е иднината на сигурноста и офанзивното војување.“
Зборувајќи дека станува збор за четири големи системи за заштита од беспилотни летала што ќе ги развијат хрватските компании, Анушиќ продолжи со зборовите:
„Системот е докажан и тестиран, со висок квалитет и наскоро нашата критична воена инфраструктура ќе биде заштитена од овој систем. Ова е нова генерација на системи за заштита што ќе ја имплементираме врз нашата критична инфраструктура.“
Анушиќ појасни дека, покрај носителите на проектот, хрватската компанија „Кончар“ и полската компанија „APS“, во имплементацијата ќе бидат вклучени и други хрватски компании, меѓу кои и „Orqa“, која е одговорна за испорака на системот за вештачка интелигенција.
Тој нагласи дека фокусот на хрватската одбранбена индустрија се беспилотните летала и заштитата од беспилотни летала, кои во моментов се императив во современото војување.
„Хрватска, заедно со Холандија и Латвија, е водечка нација во Европската Унија во производство и дистрибуција на беспилотни летала FPV“, рече Анушиќ.
Гордан Колак изрази задоволство од потпишувањето на договорот за развој на нов, технолошки напреден систем за заштита од беспилотни летала, нагласувајќи дека станува збор за хрватски производ и решение што се развива во рамките на домашната индустрија.
„Овој проект покажува дека 'Кончар' континуирано ги развива своите капацитети и ја гради иднината врз основа на примена на нови технологии“, рече тој.
Компанијата „Кончар Дигитал“ д.о.о. во овој проект дејствува како системски интегратор и производител на дел од опремата на полската компанија „Advanced Protection Systems“ (APS). Со тоа, дел од производството на системот SKYctrl се пренесува во Хрватска, што овозможува трансфер на знаење, јакнење на домашните стручни и технолошки капацитети и долгорочно одржување и поддршка на системот.
Опремувањето со системи против беспилотни летала е стратегиски чекор напред во развојот на националните одбранбени капацитети и јакнење на домашната индустриска и технолошка база. Таквиот пристап овозможува посилна поддршка за националните компании и капацитетите за истражување и развој, како и долгорочно јакнење на безбедноста на Хрватска.
Набавката на системи против беспилотни летала е дел од тековниот процес на модернизација на Вооружени сили на Хрватска и приспособување кон новите безбедносни предизвици во регионалното и глобалното опкружување.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
