Хрватска купува системи за заштита од дронови, хаубици и тенкови за две милијарди евра
„На денешната седница на Владата донесовме одлуки за продолжување на големите инвестиции во модернизација и опремување на хрватската Армија, во вкупен износ од речиси две милијарди евра“
САРАЕВО (АА) - Владата на Хрватска на седница денес донесе одлуки за набавка на системи за заштита од дронови, 18 француски хаубици „Цезар“, 44 тенкови „Леопард 2А8“ и 420 тешки теренски камиони „ТАТРА“ во вкупна вредност од речиси две милијарди евра, што значително ќе ја модернизираат хрватската Армија, јавува Анадолу.
„На денешната седница на Владата донесовме одлуки за продолжување на големите инвестиции во модернизација и опремување на хрватската Армија, во вкупен износ од речиси две милијарди евра“, напиша вицепремиерот и хрватски министер за одбрана Иван Анушиќ на американската платформа за социјални медиуми X.
Тој посочи дека хрватската Влада и Министерството за одбрана се „цврсто посветени“ на понатамошно подобрување и модернизација на капацитетите на хрватската Армија, бидејќи, како што нагласи, ова е „директна инвестиција во безбедноста на граѓаните и поддршка на целите на НАТО за капацитети“.
„Опремувањето со системи против беспилотни летала“, рече тој, „претставува стратешки чекор напред во развојот на националните одбранбени капацитети и зајакнувањето на домашната индустриска и технолошка база.“
„Донесени се одлуки за набавка на 44 најсовремени тенкови Леопард 2А8, 18 самоодни хаубици Цезар МК2, 420 тешки теренски камиони TАТРА T-815-7, како и четири системи за заштита од дронови од хрватската компанија Кончар“, истакна Анушиќ.
Тој изјави дека трите проекти ќе бидат финансирани од финансискиот инструмент SAFE на Европската Унија, а системот за заштита од дронови од буџетот на Министерството за одбрана.
„Потпишувањето на договорот за самоодни хаубици Цезар МК2 и борбени тенкови Леопард 2А8 ќе се одржи следната недела во Париз и Берлин. Особено е важно што во овие проекти се вклучени и домашните компании Кончар и Ѓуро Ѓаковиќ, што дополнително ќе го стимулира развојот и зајакнувањето на хрватската одбранбена индустрија“, додаде тој.
„Станува збор за имплементација на заемот што го зедовме од инструментот на ЕУ, SAFE, а сите овие се инвестиции што ќе придонесат за исполнување на целите што ги презедовме како земја на самитот на НАТО во наредните години“, рече хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.
Хрватска, исто така, ги зголеми инвестициите во одбраната преку набавка на француски борбени авиони „Рафал“, турски беспилотни системи „Бајрактар“ и друга воена опрема за воздухопловните и копнените сили.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
