Хрватска: Еден сомнителен случај на нуспојава од вакцините на 80.000 вакцинирани против Ковид-19
„Речиси 56 отсто од популацијата постара од 70 години е вакцинирана со една доза, а најголем опфат на населението вакцинирано со првата доза е постигнато во градот Загреб и изнесува околу 20,5 отсто од вкупното население“

ЗАГРЕБ (АА) - Од 341.000 потврдени случаи на коронавирусот, колку што се регистрирани од почетокот на епидемијата во Хрватска, до вчера починале 7.315 лица, односно еден смртен случај на 47 потврдени случаи на вирусот. Во однос на несаканите ефекти, можно е да има еден сомнителен случај на нуспојава на 80.000 вакцинирани, изјави хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, јавува Агенција Анадолија (АА).
На почетокот на седницата на Владата на Република Хрватска, Пленковиќ и министерот за здравство, Вили Берош, се осврнаа на динамиката на вакцинирање на населението и на падот на бројот на заразени со коронавирусот.
„Втор ден по ред бројот на потврдени случаи се намалува. Имавме три недели стагнација, минатата недела имавме пад од 10 отсто, во последната недела пад од дури 22 отсто. Мораме да бидеме истрајни во одговорното однесување на сите во општеството за да придонесеме во падот на бројот на заразени“, изјави Пленковиќ.
„Со потоплото време и доаѓањето на поголеми количества на вакцините ќе дојдеме во позиција да ги заштитиме нашите сограѓани“, изјави премиерот, и додаде дека од 1 мај до 30 јуни Хрватска ќе има значително поголеми количества вакцини против Ковид-19 на располагање.
„Вакцинацијата е добра и корисна, придобивките од вакцинацијата во однос на можните несакани ефекти се многу поголеми“, рече Пленковиќ.
„Од 341.000 потврдени случаи на заразување со коронавирус, колку што се регистрирани од почетокот на епидемијата во Хрватска, до вчера починале 7.315 лица. Тоа значи еден смртен случај на 47 потврдени случаи на заразување. Што се однесува до несаканите ефекти, може да има еден сомнителен случај на нуспојава на 80.000 вакцинирани. Здравствениот ризик од заразувањето со коронавирусот е значително поголем од ризикот од вакцинација“, рече Пленковиќ.
Хрватскиот министер за здравство, Берош, извести дека во Хрватска на 437. ден од првиот случај на Ковид-19 учеството на заразените во вкупниот број тестирани во изминатите 24 часа е 18,08 отсто.
„Од 360-те последни секвенцирани примероци, 57 се со докажана британска варијанта и претставува значаен пад на циркулацијата на оваа варијанта во споредба со ситуацијата од 13 април, кога уделот на оваа варијанта беше 96 отсто.“
„Присуството на јужноафриканската варијанта е докажано во два примероци“, рече Берош.
„Досега во Хрватска пристигнаа 1.366.120 дози вакцини“, истакна Берош, и најави дека значително поголеми количества вакцини во земјата ќе пристигнат во текот на мај.
„Минатиот четврток беа потрошени рекордни 46.887 дози вакцини за еден ден, а процесот на динамизирање на вакцинацијата е во тек“, најави министерот за здравство.
Според податоците од 30 април, секој петти возрасен во Хрватска е вакциниран, односно 20,9 проценти од возрасната популација примиле барем една доза од вакцината против коронавирусот.
„Речиси 56 отсто од популацијата постара од 70 години е вакцинирана со една доза, а најголем опфат на населението вакцинирано со првата доза е постигнато во градот Загреб и изнесува околу 20,5 отсто од вкупното население“, изјави Берош.
Во градот Загреб се отворени три додатни пункта за масовно вакцинирање, како и „drive in“ пункт во Вировитица.