Хасани: Албанија се подготвува за членство во ЕУ пред крајот на оваа деценија
„Овој состанок не е само формална можност туку и вредна шанса да размислиме каде се наоѓаме, да ги усогласиме нашите визии и да продолжиме напред со обновена енергија“

ТИРАНА (АА) - Во Тирана се одржува Самит на шефови на држави и влади во рамките на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), на кој учествуваат високи претставници и министри за надворешни работи од земјите членки на иницијативата, јавува Анадолу.
Во воведното обраќање на министерскиот состанок албанскиот министер за Европа и надворешни работи, Игли Хасани, изјави дека ПСЈИЕ останува платформа и политички простор во кој сите учесници имаат еднаков глас.
„Овој состанок не е само формална можност туку и вредна шанса да размислиме каде се наоѓаме, да ги усогласиме нашите визии и да продолжиме напред со обновена енергија“, рече Хасани.
Тој нагласи дека состанокот се одржува „во време на длабоки трансформации за регионот, време обележано со постојани предизвици и реални можности – забрзување на економската интеграција и чекори кон членство во Европската Унија.“
Хасани посочи дека соработката меѓу земјите членки на иницијативата станала значително посилна, постратегиска и повеќе усогласена со политиките на ЕУ.
„Со отворањето на кластерите на поглавјата Албанија е на вистински пат да го унапреди процесот на пристапување. Нашата цел е амбициозна, но и остварлива - сите кластери да ги отвориме до крајот на оваа година и да ги затвориме преговорите до 2027 година. Работиме посветено за да ја подготвиме Албанија за полноправно членство во ЕУ пред крајот на оваа деценија“, изјави Хасани.
Осврнувајќи се на неодамнешните случувања на Блискиот Исток, Хасани рече „длабоко сме загрижени поради ескалацијата на тензиите.“
„Особено последните судири меѓу Израел и Иран претставуваат сериозен ризик за поширока регионална стабилност со глобални последици“, додаде тој.
Денес во Тирана, во рамките на албанското претседателство со иницијативата, ќе се одржи и Самитот на шефови на држави на ПСЈИЕ, на кој ќе учествува и шефот на турската дипломатија, Хакан Фидан.
Албанија претседава со Процесот за соработка во Југоисточна Европа од јуни 2024 до јули 2025 година, по што претседавањето ќе го преземе Бугарија.
ПСЈИЕ е регионална иницијатива, чија цел е создавање атмосфера на доверба, добрососедски односи и стабилност во регионот.
Албанија, Косово, Северна Македонија, Турција, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Романија, Србија, Хрватска, Молдавија, Црна Гора и Словенија се членки на иницијативата.