Турската Фондација „Маариф“ купи 10.000 квадратни метри од кампусот на скопскиот Универзитет ФОН
Селим Џерах, членот на Управниот одбор на Фондацијата „Маариф“, истакна дека како резултат на соработката со ФОН е реализиран купопродажен договор на кампусот, каде што ќе се образуваат околу 1.000 ученици од основно и средно образование.

СКОПЈЕ
Турската Фондација „Маариф“ и Универзитетот ФОН од Скопје денеска потпишаа договор за купување на 10.000 квадратни метри од универзитетската зграда на Универзитетот ФОН, јавува Агенција Анадолија (АА).
Церемонијата за потпишување на договорот се одржа во просториите на Универзитетот ФОН.
На свеченото потпишување присуствуваа амбасадорот на Република Турција во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок, делегација на турската Фондација „Маариф“, предводена од Селим Џерах, член на Управниот одбор на Фондацијата, директорот на Фондацијата „Маариф“ во Северна Македонија, Мустафа Дилиоглу, сопственикот на Универзитетот ФОН, Фиат Цановски, и директорот на „Халк банка“ Скопје, Билал Суџубаши.
Селим Џерах, членот на Управниот одбор на Фондацијата „Маариф“, истакна дека како резултат на соработката со Универзитетот ФОН денеска е реализиран купопродажен договор на кампусот, каде што ќе се образуваат околу 1.000 ученици од основно и средно образование.
„Училиштата на Меѓународната фондација „Маариф“ своите активности во балканските земји најпрвин ги започнаа во Косово, потоа тука. Се надевам дека образовните активности што ги спроведуваме тука ќе ги продолжиме посилно и во многу поудобна средина“, рече Селим Џерах, додавајќи дека се многу среќни од денешната купопродажба.
Потсетувајќи на средбата со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, веднаш по донесувањето на Законот за Фондацијата „Маариф“ во 2016 година, Селим рече дека претседателот Ердоган им дал хоризонти за работата на Фондацијата, чиј најважен столб во хоризонтот биле активностите во балканските земји, и дека особено го споменал градот Скопје.
Сопственикот на Универзитетот ФОН, Фиат Цановски, истакна дека по неколкумесечните преговори со Фондацијата „Маариф“ постигнат е договор за продажба на едното крило на Универзитетот ФОН, од 10.000 квадратни метри.
Потсетувајќи дека „Маариф“ изведува настава за претшколско, основно и средно образование, Цановски рече дека заедно со нивното високо образование ќе бидат една комплетна целина во овој регион во Скопје.
Тој додаде дека е сигурен во меѓусебната одлична соработка со Фондацијата „Маариф“.
„Македонија добива едно поинакво, поквалитетно основно и средно образование. Таа е придобивката за нашата држава. Ваквите институции се професионални. Работат на квалитет и на контрола на децата коишто се во претшколско, основно и средно образование. Значи Македонија добива многу“, рече Цановски.
ФОН е создаден во 2003 година како Европски универзитет - Република Македонија. Од 2006, Универзитетот егзистира како ФОН Универзитет.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.