Балкан

Тачи: Косово не може да дозволи создавање политички ентитет - репродукција на Република Српска на територијата на Косово

- Косовскиот претседател оцени дека дискусијата за Заедницата најавена за утре (17.9) во Брисел е почеток на создавање на Република Српска во Република Косово, а разговорот за имотот на Косово со Србија е во спротивност со Уставот и косовските закони

Zylfije Adem Jakupi  | 16.09.2020 - Обновена : 17.09.2020
Тачи: Косово не може да дозволи создавање политички ентитет - репродукција на Република Српска на територијата на Косово

ПРИШТИНА

Косовскиот претседател, Хашим Тачи, изјави дека отворањето на темите за правата на заедниците и за Заедницата на српските општини во дијалогот што со Србија се води во Брисел е голема и многу ризична грешка на Владата на Косово, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Тачи во писмената изјава доставена до медиумите порача дека отворањето на тие теми претставува удар на државноста и загрозување на сувереноста на неговата држава.

„Овие теми се третирани и решени со пакетот на Ахтисари, што ѝ претходеше на прогласувањето на независноста, но и во рамките на Договорот во Брисел 2013 година, како и одлуката на Уставниот суд. Затоа, никој нема мандат да разговара во име на Косово за заклучените теми во Брисел или каде било на друго место. Косово не може по ниту една цена никогаш да дозволи на неговата територија да се создава политички ентитет кој би бил репродукција на Република Српска на територијата на Косово“, наведе Тачи.

Косовскиот претседател оцени дека дискусијата за Заедницата најавена за утре (17.9) во Брисел е почеток на создавање на Република Српска во Република Косово, а разговорот за имотот на Косово со Србија е во спротивност со Уставот и косовските закони и воедно претставува загрозување на сувереноста на неговата држава.

Тачи истакна дека „Собранието на Косово итно мора да го третира овој ризичен чекор на Владата на Косово во бриселскиот дијалог и дека итно мора да ја изгласа и резолуцијата со која премиерот ќе запре да преговара за внатрешните прашања на Косово и за темите кои го доведуваат во ризик внатрешниот државен поредок“.

Формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово (ZSO) е договорено со Бриселскиот договор на Косово и Србија од април 2013 година, со посредство на ЕУ. Потоа со договорот од август 2015 година се договорени основните принципи на ЗСО и се започна со изработка на нејзиниот статут. Меѓутоа, опозициското Движење „Самоопределба“ го испрати тој статут на разгледување до Уставниот суд на Косово и Уставниот суд оцени дека постојат делови кои мора да бидат усогласени со косовскиот Устав и законите на сила.

На Косово од почетокот се тврди дека ЗСО нема да има извршни овластувања и дека со самото тоа нема да има трето ниво на власта на Косово, покрај централното и локалното. Од друга страна, од Белград се бара таа заедница да има овластување за да го регулира животот на Србите во 10 општини со српско мнозинство и да има соработка со официјалните претставници на институциите на Република Србија.

Инаку, Априлскиот договор предлага создавање автономно тело интегрирано во косовскиот систем. Договорот наведува дека ќе се формира Асоцијација/Заедница на мнозинските српски општини, каде што членството ќе биде отворено за која било друга општина. Структурата на ЗСО ќе биде воспоставена по истите основи на постоечкиот статут на Асоцијацијата на косовските општини, значи ќе има претседател, потпретседател, Собрание и Совет. Структурата на ЗСО ќе зависи од резултатите на општинските избори и би требало да вклучи поединци на кои ќе им бидат поверени мандати на локално ниво.

Членовите од точките 4 и 5 на Априлскиот договор наведуваат дека ЗСО ќе има потполн надзор во областите на економскиот развој, образованието, здравството, урбаното и просторното планирање и можни се и додатни надлежности делегирани од страна на централните власти.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın