Словенија размислува за повлекување од Евровизија поради учеството на Израел
Откако и белгиската и шпанската радиотелевизија побараа поголема транспарентност во врска со годинашното гласање на Евровизија, и Телевизија Словенија изрази сличен став

ЉУБЉАНА (АА) - Телевизија Словенија испрати писмо до Европската радиодифузна унија (ЕБУ) во кое изрази „сѐ поголема загриженост во врска со натамошното учество на Израел на настаните на ЕБУ“, вклучително и Евровизија, и повика на отворена расправа на членките за транспарентноста на годинашното гласање и правилата за учество, пренесува Анадолу.
Откако и белгиската и шпанската радиотелевизија побараа поголема транспарентност во врска со годинашното гласање на Евровизија, за кое сметаат дека повеќе не е аполитично и обединувачко, поради тоа и несоодветно, и Телевизија Словенија изрази сличен став.
„Како директорка на Телевизија Словенија повторно ви се обраќам со сериозна и сѐ поголема загриженост во врска со натамошното учество на Израел на настаните на ЕБУ, особено на изборот за песна на Евровизија“, напиша Ксенија Хорват во дописот пратен од управата на ТВ Словенија до членовите на Извршниот одбор на ЕБУ.
Таа додава дека и минатата година го привлекла вниманието на оваа тема, наведувајќи многубројни забелешки во тоа време - што, според неа, оттогаш се само засилени.
„Како јавен медиум одговорен пред јавноста, Телевизија Словенија е под сѐ поголем притисок да одговори на ваквата загриженост. Доколку ЕБУ не преземе конкретни чекори и не се изјасни за овие прашања, ќе размислиме за нашето учество во идните евровизиски настани“, најави Хорват.
Таа нагласи дека ова не е одлука што ќе се донесе лесно и додаде дека ТВ Словенија ќе биде „принудена“ да направи таков потег ако „ЕБУ и во иднина продолжи да не одговара на овие клучни прашања, како од етички аспект, така и од аспект на интересот на јавноста“.
Хорват ја повика ЕБУ да свика „отворена, инклузивна и итна расправа меѓу своите членки, вклучително и музичките изведувачи и претставниците на граѓанското општество, за транспарентноста на гласањето, политиката на учество и обезбедувањето доследна и веродостојна примена на вредностите за кои се залага ЕБУ“.
Таа се осврна и на телефонското гласање на годинашниот натпревар за песна на Евровизија, кое „дополнително ја наруши довербата на јавноста“, додавајќи дека ни претходниот одговор на ЕБУ „не содржел ниту убедливи ниту конкретни појаснувања“ ниту, пак, ги одржувал итноста и сериозноста на поставеното прашање.
„Во меѓувреме, дополнително се влоши хуманитарната ситуација во Газа и окупираните палестински територии, а загриженоста на јавноста - како во Словенија, така и низ цела Европа - значително се зголеми“, пишува Хорват и додава:
„Многу гледачи во Словенија и на други места изразија сериозни сомненија во врска со веродостојноста и транспарентноста на гласањето, особено во политичкиот контекст околу натпреварот. Чувството дека политичките интереси можеби влијаеле врз одлуките за учество или конечните резултати од гласањето ја поткопаа довербата на јавноста во непристрасноста на ЕБУ.“
Исто така, таа изрази сомнение за транспарентноста на телефонското гласање на Евровизија.
„Особено нѐ интересира споредувањето на телефонските гласови со оние преку интернет бидејќи веруваме дека ова е клучно за враќање на довербата во интегритетот на процесот на гласање. Како јавни медиуми, должни сме да му обезбедиме на својот аудиториум точни и проверливи информации“, напиша таа, додавајќи дека не разбира зошто има толкава тајност околу овие процедури.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.