Балкан

Скопје: Лизгање на мраз за младите со оштетен вид од земјите од регионот

Организацијата „Мрежа за доживотно учење“ го организираше проектот „Инклузивно лизгање на мраз за сите”, во кој се опфатени млади лица со оштетен вид од Северна Македонија, Косово, Романија и Турција

Abdula Berısha  | 14.01.2020 - Обновена : 17.01.2020
Скопје: Лизгање на мраз за младите со оштетен вид од земјите од регионот ( Foto: Abdula Berisha/ Anadolu Agency )

СКОПЈЕ (АА) - Организацијата „Мрежа за доживотно учење“ (МДУ), со седиште во Тетово, го организираше проектот „Инклузивно лизгање на мраз за сите“, во кој се опфатени млади лица со оштетен вид од Северна Македонија, Косово, Романија и Турција, јавува Агенција Анадолија (AA).

Сретен Коцевски од МДУ изјави дека проектот се реализира во рамки на Еразмус + програмата и дека во него учествуваат 40 млади лица со оштетен вид, кои, како што објаснува тој, имаат можност да го научат теоретскиот и практичниот дел од лизгањето на мраз и да се забавуваат со нивните врсници.

„По првата воздржаност којашто ја имавме утринава од учесниците, што е разбирливо, иако имавме и теоретски дел, полека видовме дека се опуштија, уживаат. За голем дел навистина е првпат да застанат на лизгалки и да излезат на мраз, така што навистина е инспиративно и мотивирачки и понатаму да се работи“, изјави Коцевски.

Тој објасни дека активностите се одвиваат од 10 до 17 јануари, и дека гостите од другите земји се сместени во Државниот училиштен центар за образование и рехабилитација „Партенија Зографски“ во Скопје. Коцевски, исто така им додели благодарници на соработниците кои помогнаа во реализација на проектот.

Виолета Курхасани, наставничка по музика во Центарот за учење и советување „Џеладин Деда“ во Пеќ, Косово, вели дека лизгањето на мраз е голем предизвик за лицата со оштетен вид, бидејќи ова е нивно прво лизгање. Од Косово, за овој проект се дојдени 8 деца со оштетен вид, за кои Курхасани вели дека се забавуваат и се дружат со младите од други земји.

Од Турција е дојден тим од 10 лица, кои исто така рекоа дека проектот е забавен и дека им овозможува да се запознаат со нови култури.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.