Балкан

Скопје: Експертите дискутираат за процесот на ветинг

На состанокот беа присутни претставници на институции, универзитетски професори, како и локални и странски експерти, кои разговараа на темата „Ветингот како мерка за јакнење на интегритетот на институциите“

Abdula Berisha  | 27.08.2019 - Обновена : 28.08.2019
Скопје: Експертите дискутираат за процесот на ветинг (Foto: Abdula Berisha/ AA)

СКОПЈЕ (АА) - Националната конвенција на Европската Унија во Република Северна Македонија, односно четвртата работна група, ја одржа шестата сесија на којашто се дискутираше во врска со процесот на ветинг, кој треба да се спроведе во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).

На состанокот беа присутни претставници на институции, универзитетски професори, како и локални и странски експерти, кои разговараа на темата „Ветингот како мерка за јакнење на интегритетот на институциите“.

Во изјава за медиумите, универзитетската професорка Милева Ѓуровска рече дека темата за ветинг е една од областите поврзани со поглавјето 24 на ЕУ, кое се однесува на судството, слободата и безбедноста.

Таа рече дека институциите претежно се унапредени во овој поглед, но истакна дека сè уште не можат да ја добијат довербата на граѓаните.

„Ветингот е процес, ветингот е постапка на проверка преку којашто треба да се сочува интегритетот на поединците и на тој начин преку овој поединечен интегритет да се дојде до институционалниот интегритет“, рече Ѓуровска.

Државната секретарка во Министерството за надворешни работи, Магдалена Несторовска, рече дека за време на сесијата се разговарало за ветингот во безбедносните институции, со посебен акцент на Министерството за внатрешни работи, бидејќи, како што нагласи, ова министерство е понапред во подготвителната фаза.

Таа рече дека е анализиран ветингот како процес, кои институции треба да бидат опфатени и колку време треба да трае.

„Кога зборуваме за тоа колку ќе трае, кога ќе почне, кој сè ќе биде инволвиран во процесот, на тоа одговор ќе даде работната група којашто ќе започне со работа во четврток, на 29 (август), ќе се етаблира работна група по одлуката, односно по заклучокот на Владата и таа до 1 октомври треба да даде одговор на сите овие прашања“, рече Несторовска.

На сесијата беше присутна и Андреа Јалечова од Националните безбедносни власти на Словачка, независна државна институција за заштита на класифицирани информации, којашто рече дека е дојдена да ги сподели искуствата во спроведувањето на процесот на ветинг во својата земја.

Таа рече дека Словачка го започнала процесот на ветинг уште во 2001 година, а првите институции што биле подложени на овој процес биле оние што имаат пристап до класифицирани информации.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.