Балкан

Сиљановска-Давкова од Балканскиот форум за интеграција: Заслужуваме да добиеме шанса за почеток на преговори

- „Двојните стандарди го комплицираат процесот и не смеат да се уважуваат“

Elena Trenchevska Chekovikj  | 28.11.2025 - Обновена : 28.11.2025
Сиљановска-Давкова од Балканскиот форум за интеграција: Заслужуваме да добиеме шанса за почеток на преговори

СКОПЈЕ (АА) – Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, денес порача дека е време за стратешки чекор на Европската Унија (ЕУ) кон Западниот Балкан, пренесува Анадолу.

Во обраќањето на Балканскиот форум за интеграција 2025 во Подгорица, Црна Гора, во дискусијата „Претседателите за ЕУ-интеграциите – Имаме ли план?“, таа рече дека по долгата и маратонска евроинтеграција, заедничката географија, историја и култура треба да се заокружат со отворање на вратите за членство на балканските држави.

Како што е соопштено од Кабинетот на претседателката, таа на форумот укажала и дека пристапувањето мора да биде кредибилен процес заснован единствено на Копенхагенските критериуми, и дека Унијата мора да ги брани своите принципи и вредности. „Двојните стандарди го комплицираат процесот и не смеат да се уважуваат“, порачува Сиљановска-Давкова, додавајќи дека членството во ЕУ е најдобриот начин за отпорност на регионот на трети центри на моќ.

Претседателката нагласува дека во регионални рамки „го надминуваме просекот на усогласеност со европското законодавство во сите шест кластери, стопроцентно сме усогласени со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и заслужуваме да бидеме охрабрени и да добиеме шанса за почеток на преговори.“

Во дискусијата, инаку модерирана од претседателот на Европското движење во Црна Гора, Момчило Радуловиќ, учествуваше и црногорскиот претседател, Јаков Милатовиќ.

Учесниците, како што е соопштено, се заложиле дека земјите на Западен Балкан мора стратешки и усогласено да пристапат кон справувањето со феноменот на „одливот на мозоци“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.