Седницата за конституирање на косовското Собрание прекината по 23. пат
Од 111 присутни пратеници во салата, само 55 беа „за“ формирање на комисија за тајно гласање за избор на претседател на Парламентот, еден беше против, а воздржани немаше

ПРИШТИНА (АА) – Косовското Собрание продолжува да биде блокирано поради неможноста на пратениците со мнозинство гласови да дадат поддршка за конституирање на законодавниот дом, јавува Анадолу.
И по 23-ти пат по ред, мнозинските парламентарни групи во косовското Собрание не го поддржаа создавањето „ад-хок“ Комисија за тајно гласање за местото претседател на Парламентот, предложена од Движењето „Самоопределување“, со тоа што не назначија свој член (пратеник) за оваа комисија.
Од 111 присутни пратеници во салата, само 55 беа „за“ формирање на оваа комисија за тајно гласање за избор на претседател на Парламентот, еден беше против, а воздржани немаше.
„Немаме кворум, седницата се прекинува, се гледаме на 31 мај во 10:30 часот“, рече претседавачот со седницата, Авни Дехари.
Втората по големина партија, Демократската партија на Косово (ПДК), повтори дека Движењето „Самоопределување“ треба да го промени својот кандидат за претседател на косовското Собрание за да го поддржат изборот за претседател на Парламентот.
Од потребните минимум 61 глас, кандидатката на Движењето „Самоопределување“ за претседател на Собранието, Албулена Хаџиу, досега има освоено не повеќе од 57 гласови, од кои 48 се од Движењето „Самоопределување“ и 9 од пратениците од заедниците. Првата конститутивна седница се одржа на 15 април.
На 15 мај, лидерите на четирите албански парламентарни политички партии започнаа консултативни состаноци со претседателката Вјоса Османи со цел што побрзо деблокирање и формирање на новите институции по изборите на 9 февруари 2025 година. Вакви состаноци се најавени од претседателката Османи и за наредните недели.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.