Oktaj Omeragikj
25 Мај 2025•Ажурирај: 26 Мај 2025
СКОПЈЕ (АА) - Уште еднаш е одложена конститутивната седница на косовскиот парламент без да се изгласа новиот претседател на 9-тиот собраниски состав, известува Анадолу.
Конститутивната седница на косовскиот парламент започна со задоцнување од 25 минути.
Претседавачот со седницата, Авни Дехари, на почетокот истакна дека во салата има доволно пратеници за да започнување на седницата.
Тој ги повика пратениците на Демократската партија на Косово (ДПК), Демократскиот сојуз на Косово (ДСК), Коалицијата Алијансата за иднината на Косово (АИК) - Социјалдемократска иницијатива (НИСМА) и Српската листа да предложат свои членови за Комисијата за тајно гласање, но тие не го сторија тоа ниту на денешната седница.
Конститутивната седница на Косовското собрание потоа беше одложена по 21-ви пат, откако не беше обезбеден кворум за избор на комисијата за тајно гласање. 53 пратеници гласаа „за“, еден гласаше „против“, а немаше воздржани.
Следната седница е закажана за вторник во 11 часот.
Предлогот на Движењето Самоопределување за назначување на Албуљена Хаџиу за претседател на Собранието не добива поддршка од пратениците од поранешната опозиција - Демократската партија на Косово (ДПК), Демократски сојуз на Косово (ДСК) и Алијансата за иднината на Косово (АИК).
Движењето Самоопределување засега не покажа никаква намера да предложи друго име.
По серија неуспешни обиди, претседавачот на Собранието Авни Дехари предложи тајно гласање, но пратениците од поранешната опозиција одбиваат да предложат имиња од своите редови за формирање на собраниски комитет кој би го надгледувал тајното гласање за избор на претседател на парламентот.
Пратениците мора да изберат претседател и пет потпретседатели за конечно да го конституираат новото Собрание. Само откако ќе се конституира Собранието, може да се формира нова влада.