Северна Македонија: Првиот пациент кај којшто е извршена трансплантација на црниот дроб е пуштен дома
- Првиот пациент во Северна Македонија кај којшто е извршена трансплантација на црниот дроб денес е пуштен дома, по извршената трансплантација на 25 ноември од починат донор

СКОПЈЕ (АА) - Првиот пациент во Северна Македонија кај којшто е извршена трансплантација на црниот дроб денес е пуштен дома, по извршената трансплантација на 25 ноември од починат донор, јавува Агенција Анадолија (АА).
По овој повод, прес-конференција одржаа министерот за здравство на Северна Македонија, Беким Сали, националниот координатор за трансплантација, д-р Маја Мојсова-Мијовска, и директорот на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија, д-р Зоран Караџов.
На прес-конференцијата присуствуваа и дел од хирурзите и анестезиолозите кои учествуваа во целиот процес на трансплантација.
Д-р Караџов рече дека трансплантацијата е процес кој бара многу труд, тимска и мултидисциплинарна работа, и притоа им се заблагодари на сите што учествуваа во целиот процес.
„Денес го пуштаме дома првиот пациент кај кој е извршена трансплантација на црниот дроб во Република Северна Македонија. Зборуваме за успешна трансплантација, зборуваме за пациент кој со новиот орган станува здрав член на ова општество. Значи, нешто што практично ја внесува оваа држава во група на земји во кои се прави трансплантација на црниот дроб“, рече д-р Караџов.
Тој исто така му се заблагодари на семејството на дарителот, за коешто рече дека покажало хуманост овозможувајќи му на друг човек да продолжи со животот.
Националниот координатор за трансплантација д-р Маја Мојсова-Мијовска изјави дека имаат работено на протоколите, стратегиите, обуката и едукацијата.
Таа изјави дека сите се возбудени, горди и среќни што нивниот труд вродува со плод.
„Нема посреќен момент кога пациентот ќе си оди дома, и нема посреќен момент кога знаеме дека е успешно завршена работата. Но за тоа сè да биде завршено, постојат од друга страна донаторите. Јас навистина би го искористила овој момент да им се заблагодарам на сите семејства досега што дарувале органи, за да можеме и ние да спасиме животи и да трансплантираме органи“, рече д-р Мојсова-Мијовска.
Министерот Сали во својата изјава рече дека ова е историски чекор за здравството во Северна Македонија, со што земјата е рангирана меѓу највисоките здравствени системи кои успешно вршат трансплантација на црн дроб.
Тој, исто така, му се заблагодари на семејството на донаторот за одлуката, со што се овозможи трансплантацијата на црниот дроб кај 60-годишниот пациент.
Министерот истакна дека ова е шеста трансплантација од починати донатори годинава, но претставува прв случај кога станува збор за донатор на црн дроб.
„Заедничката тимска работа на над 100 лекари, медицински сестри и административен персонал резултираше со трансплантација на 10 бубрези од починати донатори, две срца од пациенти со тешки состојби и 10 трансплантации на коскено ткиво. Во последните две години вкупно се извршени трансплантации на 8 срца, 30 бубрези, 20 коскени ткива и сега и првиот црн дроб“, рече Сали.
Имено, на 25 ноември, на Клиниката за дигестивна хирургија, 60-годишен пациент со хронично заболување на црниот дроб добил здрав орган од пациентка со мозочна смрт чие семејство се согласило да ги донира органите.