Балкан

Рамуш Харадинај во Хаг се бранеше со молк

Харадинај по интервјуто дадено на Специјалното обвинителство изјави дека го прифатил правниот совет воопшто да не одговара на поставените прашања и дека со ова појавување ги извршил своите обврски кон судот

Zülfiya Yakup  | 24.07.2019 - Обновена : 25.07.2019
Рамуш Харадинај во Хаг се бранеше со молк

ПРИШТИНА (AA) - Косовскиот премиер во оставка, Рамуш Харадинај, кој е еден од поранешните команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК), денес во Хаг се појави пред Специјалниот суд за воени злосторства во Косово во својство на осомничен и се бранеше со молк, јавува Anadolu Agjency (AA).

Харадинај по интервјуто дадено на Специјалното обвинителство изјави дека го прифатил правниот совет воопшто да не одговара на поставените прашања и дека со ова појавување ги извршил своите обврски кон судот.

„Денес одговорив на повикот на Специјалниот суд како осомничен. Го искористив законското право да молчам. Со ова ги завршив своите обврски. Не ми дадоа конкретни информации, но се говореше за мојата улога во војната“, изјави Харадинај за новинарите пред зградата на Специјалниот суд во Хаг.

Тој рече и дека од Обвинителството му кажале дека според законот не мораат да му дадат дополнителни објаснувања. Повтори дека оставката на местото премиер ја поднесе за да се појави пред Специјалниот суд како граѓанин на Косово, а не како премиер.

Харадинај истакна дека ќе продолжи да се занимава со политика, како и досега, но дека секогаш ќе го почитува законот и својата држава. Порача дека ќе остане лојален и на својата политика.

„Ние сме за дијалог без условување, ние сме за договор за признавање со Србија и пазар за признавање, а не некои други формули кои се неприфатливи за Косово“, рече Харадинај.

Додаде дека ќе се јави на повикот на консултации околу вонредните избори доколку го повика претседателот на Косово, Хашим Тачи. Заклучи и дека случувањата во врска со Специјалниот суд не се прости, бидејќи тој беше принуден да поднесе оставка, и дека земјата е принудена да оди на избори во момент кога на ред требало да бидат некои други теми.

На Харадинај, кој беше командант на Оперативната зона на ОВК за Дукаѓин, во Хашкиот суд два пати му се судеше за воени злосторства и двата пати беше ослободен.

Пред Специјалните совети на Косово во Хаг денес се појави и членот на Главниот штаб на Ослободителната војска на Косово (ОВК) и нејзин поранешен портпарол, Јакуп Красниќи.

Според податоците на Здружението на ветераните на ОВК, од првите месеци оваа година откога Специјалното обвинителство на Косово со седиште во Хаг почнало со испраќање повици за разговори, до денес се повикани околу 40 лица, поранешни припадници на ОВК.

Специјализираните совети и Специјалното обвинителство на Косово се дел од судскиот систем на Косово. Советите се основаат на секое ниво на судскиот систем на Косово. Формирани се врз основа на Уставните амандмани и Законот кој го усвои Собранието на Косово поради водење на судењето за наводите од Извештаите на Советот на Европа од 2011 година, кои опфаќаа тешки кршења на меѓународното право.

Специјализираните совети на Косово имаат мандат и надлежости кои се однесуваат на одредени злосторства против човештвото, воени злосторства и други кривични дела според косовското законодавство, кои наводно се извршени помеѓу 1 јануари 1998 година и 31 декември 2000 година. Специјализираните совети имаат седиште во Холандија, во Хаг, а во нив работат меѓународни судии, обвинители и друг персонал.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın