Балкан

Проштална средба на министерот Димитров со амбасадорката на Турција, Тулин Еркал Кара

„Посебно беше нагласено задоволството што набргу Република Северна Македонија од природен, ќе стане и официјален сојузник на Република Турција во НАТО", се вели во соопштението на МНР

Admir Fazlagic   | 13.12.2019
Проштална средба на министерот Димитров со амбасадорката на Турција, Тулин Еркал Кара ( Фото: Министерство за надворешни работи на Северна Македонија )

СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, оствари проштална средба со амбасадорката на Република Турција во Република Северна Македонија, Тулин Еркал Кара, пренесува Агенција Анадолија (АА).

„Министерот Димитров изрази благодарност за заложбите на амбасадорката Еркал Кара во унапредувањето на билатералните односи и пријателството меѓу двете земји, посакувајќи ѝ успех во следните професионални ангажмани и предизвици. Посебно беше нагласено задоволството што набргу Република Северна Македонија од природен, ќе стане и официјален сојузник на Република Турција во НАТО, со што двете држави ќе соработуваат заедно во засилувањето на безбедноста на нашиот регион, но и на цела Европа“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи (МНР) на Северна Македонија.

„Амбасадорката Кара, реафирмирајќи ја силната поддршка којашто Турција ѝ ја дава на Северна Македонија, изрази охрабрувачки пораки за претстојното финализирање на процесот на зачленување на Северна Македонија во НАТО, како и за понатамошен напредок кон ЕУ. Воедно, изрази благодарност за одличната соработка и поддршка која ѝ беше искажана од страна на македонските институции за време на нејзиниот мандат“, се додава во соопштението.

Исто така, во соопштението на МНР на Северна Македонија се наведува дека на средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи, кои бележат посебен подем во економијата, инвестициите, туризмот, културата, образованието, здравството и одбраната, како и за можностите за унапредување на соработката и во сите други области од заемен интерес.

Во Службениот весник на Република Турција минатиот месец е објавено дека за нов амбасадор на Турција во Северна Македонија e именуван Хасан Мехмет Секизќок.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın