Балкан

Претседателот на Собранието на РСМ, Гаши, се обрати на 8. Пленарна конференција - Национална конвенција за ЕУ во РСМ

- Гаши рече дека се свесни дека во една ваква дебата ќе се слушнат незадоволства и критики, како кон Собранието, така и кон Владата, па дури и кон Европската Унија

Oktaj Omeragikj  | 26.11.2025 - Обновена : 26.11.2025
Претседателот на Собранието на РСМ, Гаши, се обрати на 8. Пленарна конференција - Национална конвенција за ЕУ во РСМ

СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денес се обрати на 8. Пленарна конференција - Национална конвенција за ЕУ во РСМ, јавува Анадолу.

На 8. Пленарна конференција - Национална конвенција за ЕУ во РСМ во Собранието на Северна Македонија присуствуваа и претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, г. Венко Филипче, заменик-претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Игор Здравковски, амбасадорката на Република Словачка, г-ѓа Ивета Хрицова, амбасадорката на Кралството Холандија, г-ѓа Озлем Џанел, амбасадори и претставници на дипломатскиот кор, коорганизаторката на оваа конференција, г-ѓа Милева Ѓуревска, претставници на институции, организации и граѓанско општество, пратеници и претставници на медиумите.

Во својот воведен говор Гаши ги поздрави гостите и изрази задоволство што е домаќин на овој настан во Собранието на Република Северна Македонија, кој ги обединува секоја година, со цел разгледување и поддршка на напредокот на РСМ кон интеграцијата во Европската Унија.

Зборувајќи за темата „Реформите од другата страна на реториката“, Гаши истакна:

„Таа е тема што нè повикува и нè поттикнува да одиме чекор понапред од општите изјави на дневната политика и да дебатираме за суштината на процесот на интеграција: за конкретната работа, реалните предизвици и нашата заедничка одговорност да ја забрзаме европската трансформација на нашата држава.“

Гаши рече дека се свесни дека во една ваква дебата ќе се слушнат незадоволства и критики, како кон Собранието, така и кон Владата, па дури и кон Европската Унија, и продолжи со зборовите:

„Веќе дел од секојдневниот политички дискурс е и адресирањето на виновникот. Има такви кои ќе го насочат прстот кон пратениците, со претпоставката дека тие го блокираат европскиот пат со тоа што не гласаат за уставните измени; има други кои вината ќе ја бараат кај Владата, со претпоставка дека не го поставила потребното темпо за европските реформи; додека друг дел ќе го покрене и прашањето за гаранциите и двојните стандарди, барајќи сигурност од соседите и од Европската Унија.“

Претседателот на Парламентот рече дека, според него, сите овие сегменти се нормален дел на една функционална демократија, но додаде дека негова должност како претседател на Собранието е да ги потсети дека Република Северна Македонија достигнала ниво на институционална зрелост кое ги обврзува на стратешка јасност.

„Во таа насока, надминувајќи ја реториката, тука сум да уверам дека стратешкиот интерес на Република Северна Македонија е јасен и непоколеблив: нашата иднина е во Европската Унија“, посочи Гаши и додаде дека денешниот настан го гледа како неопходен форум за изнесување на загриженостите, за аргументирана дебата и за изнаоѓање решенија кои го зајакнуваат демократскиот и институционалниот напредок на државата.

„Додека зборуваме за напредокот, дозволете ми накратко да се осврнам на Извештајот за напредокот на Северна Македонија од страна на Европската комисија. Задоволен сум што работата на Собранието во овој извештај е оценета како задоволителна. Во меѓувреме, забелешките за политичката поларизација, употребата на брзи постапки, потребата од зајакнување на парламентарниот надзор, како и вклучувањето на граѓанското општество, претставуваат јасна насока за подобрување на нашата работа…“, истакна Гаши и додаде:

„Денес, сакам да упатам повик до Владата и до колегите пратеници, да избегнуваме скратени постапки, да го прошириме дебатниот простор и да ја подигнеме политичката култура. Европската интеграција не се мери според брзината на постапките или наративите што ги споделуваат, туку според квалитетот на реформите и довербата што институциите ја уживаат кај граѓаните.“

Претседателот на Собранието на РСМ нагласи дека меѓу главните забелешки во извештајот биле уставните измени, кои несомнено остануваат и главен предизвик во оваа фаза од процесот. Тој рече дека уставните процеси и билатералните теми создале значителни политички тензии, но додаде дека ниту едно билатерално прашање не смее да стане пречка на европскиот пат на земјата. Гаши во своето обраќање истакна дека остануваат подготвени за принципиелен дијалог со сите соседи. Напредокот на Албанија и Црна Гора го посочи како доказ дека е жива политиката на проширување и дека нашиот регион може да се движи напред, потенцирајќи дека тоа претставува момент за мотивација, а не за притисок.

„Исто како и пред една година, денес би сакал да повторам уште еден важен елемент. Во еден турбулентен свет, со конфликти во Украина, Блискиот Исток и пошироко, интеграцијата во ЕУ не е ниту луксуз ниту опција, туку неопходност за безбедноста, стабилноста и за развојот на земјата. Со членството во НАТО, создадовме заштита, додека со пристапувањето во Европската Унија се стремиме кон изградба на стабилност и одржлив економски, институционален и демократски развој“, рече Гаши и нагласи дека Собранието на Република Северна Македонија ќе продолжи да биде доверлив партнер во овој процес, посветено на унапредувањето на реформите, зајакнувањето на дијалогот, развивањето консензус и одржувањето на институционалната зрелост во време на предизвици.

Тој рече дека европската интеграција на земјата не се гради во Брисел, ниту во главните градови на регионот, туку се гради тука, во Скопје, во институциите на земјата, со донесените одлуки и подготвеноста да се надминат политичките разлики во служба на државниот интерес.

На крајот од своето обраќање Гаши упати порака со која рече дека се сумира целата тема:

„Нашиот натпревар не треба да се одвива во реториката, туку во изнаоѓање на заеднички решенија за заедничките интереси. Тезата на Џејмс Кларк е повеќе од точна кога вели дека „политичарите размислуваат за следните избори, додека државниците размислуваат за идните генерации. А идната генерација заслужува безбедна и достоинствена иднина како дел од европското семејство. Затоа, сега повеќе од кога било, надвор од политичките калкулации, потребна ни е зрелост за градење на државата. Имаме обврска кон нашите граѓани и идните генерации да ја изградиме оваа иднина со решителност, зрелост и сплотеност.“

Претседателот во име на Собранието им се заблагодари на меѓународните партнери за нивната драгоцена поддршка во текот на годините и на коорганизаторите на конференцијата, кои создале вреден простор за идеи, дијалог и визија, и им посака плодни дискусии со резултати што ја доближуваат земјата уште повеќе до Европската Унија.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.