Балкан

Претседателот на Словенија, Пахор: „Мојата денешна посета во Скопје не е случајна“

– Претседателот на Словенија, Борут Пахор, реализира официјална посета на Северна Македонија, во чии рамки се состана со претседателот на земјата, Стево Пендаровски

Furkan Abdula   | 25.09.2020
Претседателот на Словенија, Пахор: „Мојата денешна посета во Скопје не е случајна“

СКОПЈЕ

Претседателот на Словенија, Борут Пахор, реализира официјална посета на Северна Македонија, во чии рамки се состана со претседателот на земјата, Стево Пендаровски, јавува Агенција Анадолија (АА).

Пахор беше пречекан со највисоки државни и воени почести од страна на Пендаровски, на платото пред Кабинетот на Претседателот, „Вила Водно“.

Двајцата претседатели остварија тет-а-тет средба, а потоа преминаа на пленарен состанок на официјалните делегации на двете земји, по кој следуваше заедничката прес-конференција.

Претседателот на Северна Македонија, Пендаровски, истакна дека Пахор е прв државник кој ја посетува земјата за време на пандемијата на Ковид-19, со што, според него, се докажува стратешкото пријателство и традиционалната блискост меѓу двете држави.

„Словенија е наша сојузничка во НАТО, а помошта во спроведувањето во реформите во одбраната, како и соработката помеѓу нашите две армии, беше и сѐ уште е од исклучително значење. Во делот на економијата, Словенија е наш значаен трговски партнер и инвеститор со години. И покрај намалената трговска размена оваа година поради кризата, трговијата се одликува со стабилен раст“, нагласи Пендаровски.

Тој рече дека нивната задача е зголемување на извозот во Словенија и надоместување на трговскиот дефицит.

Претседателот на Северна Македонија нагласи дека словенечката поддршка ја добиле и во справувањето со ширењето на коронавирусот, и дека веќе подолг временски период словенечките полицајци работат со полициските службеници на Северна Македонија на јужната граница на земјата во справувањето со повеќегодишната мигрантска и бегалска криза.

„Нашите билатерални релации ги збогатуваат и нашите научници и нашите уметници кои ги изучуваат и предаваат нашите јазици и култура, и остваруваат интензивна културна размена, како и нашите граѓани, словенечките во Северна Македонија и македонските во Словенија кои и тука и таму го градат своето образование, својата кариера, создаваат семејства и на тој начин формираат нераскинливи врски меѓу нашите две општества и култури“, истакна Пендаровски.

Тој нагласи дека имаат позитивно минато како дел од поранешната држава, споделуваат заедничка сегашност како сојузници во НАТО, изразувајќи длабока увереност дека ќе имаат и заедничка иднина како дел од ЕУ.

„Словенија безрезервно ја поддржа одлуката на Европскиот совет во март оваа година за почеток на преговорите за нашето членство во ЕУ, а сега нѐ поддржува во намерата да ја одржиме првата меѓувладина конференција до крајот на оваа година“, рече тој.

Пендаровски истакна дека со Пахор разговарале и за регионалната безбедност и соработка, како и за тековниот развој на политичките состојби во регионот, и дека заклучиле оти иднината на регионот е во целосна интеграција во ЕУ и дека за таа стратешка ориентација не постои кредибилна алтернатива.

Претседателот на Северна Македонија изрази надеж и очекување успешната соработка меѓу двете земји да продолжи, а македонско-словенечкото пријателство да станува сѐ поцврсто.


- „Мојата денешна посета во Скопје не е случајна“

Претседателот на Словенија, Пахор, истакна дека Словенија и Северна Македонија се традиционални пријатели и сојузници, нагласувајќи дека по долгата блокада на Грција, со политиката на двете земји биле способни да најдат компромис кој конечно ја тргна блокадата на соседна Грција во врска со доближувањето на Северна Македонија кон НАТО и Европската Унија (ЕУ).

„Мојата денешна посета тука во Скопје не е случајна. Времето на оваа посета не е случајно. Го избрав затоа што сакам како претседател на една од 27-те држави посебно да нагласам дека сега е вистинска можност да не се одложува почнувањето на најглавната конференција на Владата на Република Северна Македонија со Европската комисија“, рече Пахор.

Според него, разбира дека некои соседни држави имаат дополнителни колебања, и токму затоа, рече тој, сака отворено да истакне дека сега е вистинско време 27-те земји членки на ЕУ да направат сѐ за меѓувладината конференција навистина да започне без одложување.

„Словенија е пријател со Северна Македонија и пријателка и со Бугарија. Ја разбираме комплексноста на сите прашања, но кога ја оценувам целокупната ситуација, морам да констатирам една работа: доколку би дошло до одложување на меѓувладината конференција, ќе дојде до некаква инерција којашто може да трае долго време и сериозно да ги загрози интересите на Република Северна Македонија, на регионот и на сите држави на ЕУ“, нагласи тој.

Пахор истакна дека затоа треба без одложување по тивките дипломатски канали, а и отворено на рамниште на ЕУ помеѓу државите, да се најдат сите можни патишта таа меѓувладина конференција да започне, нагласувајќи дека тоа е многу важно.

„Република Северна Македонија направи толку многу за да ги исполни сите услови што ги постави ЕУ, така што би било неверодостојно доколку сега некои во ЕУ би сакале да ги одложуваат билатералните разговори помеѓу Република Северна Македонија и ЕУ“, рече претседателот на Словенија.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.