Балкан

Преживеаните скопјани се сеќаваат на катастрофалниот земјотрес од 1963 година

„Првата ноќ, прв пат го слушнав на брановите на Радио Скопје со тажен глас: „Скопје доживеа несреќа, катастрофална несреќа, земјотрес“, раскажa Галевска, која како дете го преживеала земјотресот во Скопје во 1963 година

Admir Fazlagic  | 26.07.2019 - Обновена : 29.07.2019
Преживеаните скопјани се сеќаваат на катастрофалниот земјотрес од 1963 година

СКОПЈЕ (АА) - АДМИР ФАЗЛАГИЌ

Земјотресот што го погоди Скопје пред 56 години на денешен ден претставува една од најкатастрофалните природни непогоди што го погодиле овој град, но и државата генерално. Иако поминало повеќе од половина век, граѓаните на Скопје, кои го преживеаја земјотресот, сè уште се сеќаваат на 26 јули кога во 05:17 часот наутро ги разбудиле потресите, а нивниот град бил во голема мерка срушен.

Катастрофалниот земјотрес го срушил градот, но не и надежта на скопјани дека повторно ќе го изградат својот град.

Часовникот на Старата железничка станица во Скопје оттогаш засекогаш е сопрен на 5 часот и 17 минути. Часовникот застана, но продолжи животот на скопјани, кои во разговор за Anadolu Agency (AA) ги споделија своите сеќавања на тие, за нив, тешки моменти.

„Гледав народ кој е во паника, згради како се рушат, војска како доаѓа... имаше некои катаклизмични настани слични како на филмовите, само што јас бев протагонист како дете“, вели во разговорот за АА психологот Станислав Петковски, кој тогаш имал само седум и пол години. Петковски раскажува дека во земјотресот ја загубил својата постара сестра, која тогаш била петто одделение, и своите родители.

„Претходно знам дека бевме во циркус таа вечер пред земјотресот и заспавме многу рано јас и сестра ми во нашата соба, а утредента за мене беше многу фрапантно. Многу војници дојдоа, со лопати, па ми пријдоа едни со бело и црвено (Црвен крст)... па нешто гледаа, ме прегледуваа, нè однесоа во парк меѓу дебелите дрва, шатори огромни маслинасто-зелени, народ... Една полухаотична ситуација, јас не знаев кај сум, како дете, ме зедоа за рака ме носеа...“, вели Петковски присетувајќи се на земјотресот и моментите што ги преживеал.

Петковски се присетува дека во тие денови во Скопје било панично раздвижено, но дека тој како дете бил „претворен во очи кои снимаат и гледаат“ и нема сеќавање дека бил исплашен.

Како што раскажува, тој бил прифатен од роднините, кои се грижеле за него.

„Ми дадоа добро објаснување, што е добро за едно дете, дека татко ми отишол во Америка, а мајка ми и сестра ми дека се во болница и за едно дете во тој момент, иако знае дека не е вистина, му е задоволителен факт за да не се шокира одеднаш“, вели Петковски.

Иако Скопје, за разлика оттогаш, сега значително е сменето во поглед на архитектурата, Петковски вели дека и сега постојат одредени места кои го потсетуваат на периодот на шеесеттите години од минатиот век. Меѓу тие места ги вбројува кејот кај Владата, Дебар маало, Домот на градежници, Ристиќевата палата и Камениот мост. Меѓутоа, истакнува дека Скопје сега, за разлика од тој период, е драматично изменето.

Од помалите земјотреси и потреси кои се случуваат во Скопје, како и од оние серија земјотреси во 2016 година, Петковски вели дека нема страв, бидејќи се чувствува како човек кој има искуство.

- Во деновите по земјотресот, Скопје станал град без деца

Според познатите податоци, во земјотресот загинале 120 деца, а една од првите мерки на градските власти тогаш било организираното евакуирање на скопските деца низ внатрешноста на државата и низ СФР Југославија. Било формирано Одделение за народна одбрана при Градското собрание, а со евакуација биле опфатени неактивните жители, меѓу кои: жени, стари и изнемоштени, инвалиди и сите деца до 15-годишна возраст. Вкупно 105.000 лица биле евакуирани по земјотресот, од кои околу 30 илјади биле деца.

Дел од евакуираните, околу 63.000 лица, заминале кај свои роднини и пријатели во внатрешноста на државата, а околу 41 илјада биле распоредени во другите југословенски републики. Нада Галевска е пензионирана новинарка со долгогодишно богато професионално искуство во Македонското радио - Радио Скопје. Таа сега е во пензија, а за АА раскажа дека токму таа била едно од тие деца кои биле распореденени во југословенските републики.

Галевска била дете кое немало повеќе од 14 години кога се случил земјотресот, но вели дека ги памети земјотресот и тие страшни моменти. Присетувајќи се на тие години, вели дека тогашно Скопје за децата било интересно, имало бавчи, овоштарници и речиси секоја куќа имала овошје.

Објаснува дека излегле со нејзината мајка, зеле некои неопходни работи за бебето, нејзинатата сестра, која имала само четири месеци. И по излегувањето од зградата продолжиле да чувствуваат потреси и дека нешто се руши, како и дека преку радио прв пат слушнале дека се објавуваат вести за земјотресот во Скопје.

„Првата ноќ, прв пат го слушнав на брановите на Радио Скопје со тажен глас: „Скопје доживеа несреќа, катастрофална несреќа, земјотрес“... И започнаа на десетина до 15 минути вести. Толку со еден длабок, трагичен глас дека нешто страшно се случило и потоа веќе до наредното утро кажуваа локации каде што цели згради се урнати“, раскажува Галевска.

Во наредните денови, според нејзиното раскажување, ги виделе првите војници кои дошле крвави бидејќи им помагале на граѓаните погодени од земјотресот. Ги гледале и воените и полициските хеликоптери кои дошле на помош во Скопје. Галевска понатаму раскажува дека во деновите по земјотресот доаѓале екипи кои помагале со храна и со сите неопходни нешта за секојдневно функционирање.

Потоа, таа го споделува доживувањето и сеќавањето на моментите кога децата од Скопје, меѓу кои била и таа самата, со возови заминале низ југославенските републики. Таа се присетува и на емотивното разделување со нејзиното семејство кога од Железничката во Скопје заминала за Сараево, па потоа за Љубљана. Раскажува дека децата поради тоа што биле исплашени од сите за нив, тешки глетки, не можеле ниту да плачат и атмосферата била многу тажна.

Отпатувале за Белград, потоа во Сараево.

„За Сараво можам да кажам најубав спомен од моето детство. На Железничката станица ги сретнавме повторно нашите родители, сега повторно ќе се натажам во смисла дека толку нè гушкаа, толку нè сакаа, сакаа да нè однесат дома, јадевме заедно храна... Ние се охрабривме и почнавме да зборуваме... Бевме стаписани дека никогаш без родители не сме оделе и ние наеднаш добивме некаква храброст дека еве има нас некој да нè чека“, со тага во гласот и солзи во очите се присетува Галевска.

Меѓу другото, во нејзиното сеќавање од Сараево, освен емотивниот пречек, сè уште вели дека ги памети сараевските, по вкус, познати ќебапи и слатките урмашици, кои и ден-денес се врежани во нејзиното сеќавање.

По Сараево заминале за Загреб и стасале во Љубљана. Таму го сретнала нејзиниот чичко, кој студирал во Љубљана. Во главниот град на Словенија, Галевска објаснува дека во првите денови на децата им било тешко да се навикнат на една нова атмосфера и амбиент, но укажаната можност за спортување овозможила психички и ментално да се вратат во нормалното фунцкионирање.

Кога се вратила во Скопје есента 1963 година, Галевска го видела и застанатиот часовник на Старата железничка станица, кој денес е Музеј на Град Скопје и претставува симбол на големиот земјотрес.

„Отпосле го видов часовникот кој беше запрен на 5 часот и 17 минути. Татко ми ме однесе за да го видам. Си помислив дека запрело времето на некои неубави и трагични спомени, дека отсега нешто убаво ќе се случува. И повторно го слушам гласот од радиото: „Радио Скопје. Емитуваме вести дека помошта стаса, сите се евакуирани, има преживеани“ ... Тоа беа едни вести на надеж, на нешто убаво... “, истакнува Галевска, споделувајќи ги во разговор за АА сеќавањата од деновите по катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година.

Додава дека Скопје од тие години подоцна полека почнало да исчезнува, но останала љубовта.

„Тоа Скопје подоцна полека почна да исчезнува меѓутоа мирисот на љубовта којашто ни ја пружија во Скопје како помош и сознанието дека животот е сврзан единствено со љубовта и дека само тоа е лекот за сите случувања... Скопје доби надеж и навистина љубовта и несебичноста го изградија Скопје“, заклучува Галевска.

- Земјотресот во Скопје

На 26 јули 1963 година во 5:17 часот, Скопје било разурнато од земјотрес со 6,1 степени според Рихтеровата сеизмичка скала, кој траел 20 секунди, а помали потреси имало до пет часот и 43 минути. Скопскиот земјотрес се почувствувал на простор од околу 50.000 квадратни километри, низ долината на реката Вардар. Од потресот биле урнати 15.800 станови, а оштетени околу 28.000. Над 200.000 луѓе останале без покрив над глава. Под урнатините животот го загубиле 1.070 негови граѓани, а биле повредени над 4.000 граѓани.

По земјотресот градот почнал да се гради по урнек по проектите на Кензо Танге и Адолф Циборовски. Старата железничка станица денес е Музеј на Град Скопје и претставува симбол на големиот земјотрес. Часовникот на станицата е засекогаш сопрен на фаталните 5 часот и 17 минути.

Според кажувањата на скопјани, првата помош за граѓаните на Скопје дошла од војската и граѓаните на тогашните југословенски републики и неколку дена по земјотресот започнала да пристигнува и помош и спасувачки екипи од целиот свет. Вкупно 87 нации од светот испратиле некаква помош во Скопје и помогнале тоа да се изгради повторно, па поради тоа градот го носи и епитетот „град на солидарноста“.

Ден по земјотресот, претседателот на Социјалистичката Федеративна Република Југославија, Јосип Броз-Тито, изјавил: „Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје повторно ќе го изградиме. Тоа ќе стане гордост и симбол на братството и единството, на југословенската и светската солидарност.“

Оваа изјава на Тито и денес стои закачена на Старата железничка станица како меморијал за солидарноста во изградбата на Скопје по земјотресот.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın