Балкан

Превозниците со блокада на граничните премини, бараат решение за престојот во шенген-зоната

Истовреме, на протест и седумдневна блокада на граничните премини што одат кон шенген-зоната, освен македонските превозници, излегуваат и превозниците од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина...

Elena Trenchevska Chekovic  | 26.01.2026 - Обновена : 26.01.2026
Превозниците со блокада на граничните премини, бараат решение за престојот во шенген-зоната

СКОПЈЕ (АА) – Транспортните превозници во Северна Македонија денес точно во 12 часот излегоа на протест поради воведувањето на новиот систем за влез и излез (ЕЕС) на Европската Унија, јавува Анадолу.

Протестот е најавен со седумдневна блокада за товарен сообраќај на граничните премини, а во државата затворени ќе бидат, според најавата, Деве Баир, Ново Село, Делчево, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блато и Блаце, додека Табановце - Прешево ќе биде затворен од српска страна.

Истовреме, на протест и седумдневна блокада на граничните премини што одат кон шенген-зоната, освен македонските превозници, излегуваат и превозниците од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, со барање за решавање на проблемот со евиденција на престој во шенген-зоната во согласност со правилото 90/180 дена за професионалните возачи.

Билјана Муратовска, генерален секретар на Асоцијацијата на здруженијата на работодавците на превозните трговски друштва на Република Македонија, „Макам-транс“, претходно изјави дека главно барање на превозниците е да се најде решение за престојот на возачите во шенген-зоната да не се евидентираат денови или да се издаваат некој вид визи што не се лимитирани со број на денови.

Таа посочи дека новите правила ќе значат целосен колапс на економијата во државата, односно во целиот регион на Западен Балкан, вклучително и Турција (држави што не се членки на ЕУ и на шенген-зоната), поради прекин на синџирот на снабдување.

Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, рече дека новите правила за влез во шенген-зоната не решаваат ништо за подобрување на определена област во ЕУ, а на бизнисот влијаат многу лошо и ќе создадат сериозни проблеми.

Вицепремиерот и министер за транспорт на Северна Македонија, Александар Николоски, претходно изјави дека една година алармираат за проблемот со транспортерите и со електронската евиденција во ЕУ, нагласувајќи дека се работи за огромен економски проблем што може целосно да ги колабира македонската и регионалната економија.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.