образование, Балкан

Под посебни епидемиолошки мерки започна школската година во Хрватска

Со одлука на Владата на Република Хрватска предвидени се три модели на одржување настава во основните и средните училишта и на факултетите

Stipe Majic   | 07.09.2020
Под посебни епидемиолошки мерки започна школската година во Хрватска Фото: Stipe Majic/AA

ЗАГРЕБ (АА) - Во Хрватска почна наставата за скоро половина милион ученици, и иако училиштата претежно одбраа настава во одделенија, поради пробивот на коронавирусот, некои ја започнаа учебната година преку интернет, јавува Агенција Анадолија (AA).

Со одлука на Владата на Република Хрватска предвидени се три модели на одржување настава во основните и средните училишта и на факултетите, како и работа на предучилишните установи во учебната 2020/2021 година. Моделот А е одржување настава на училиште, Моделот Б е мешана форма на настава, на училиште и на далечина, а Моделот Ц е настава на далечина.

Според моменталните податоци на Министерството за наука и образование, во училишните клупи денес седнаа вкупно 459.800 ученици.

Министерството проценува дека оваа училишна година во основните училишта ќе има нешто помалку од 316.000 ученици, од кои околу 38.000 се првачиња, а 143.800 се средношколци.

Во осум училишта во Хрватска, според актуелните информации, поради заразеност на вработените со коронавирусот, учениците ќе ја следат наставата на далечина првите две недели, бидејќи повеќе од 100 наставници и 1.000 ученици се во самоизолација.

Се применува различен пристап кон наставата од училиште до училиште, односно од општина до општина со оглед на специфичноста на епидемиолошката ситуација. Целта е да се обезбеди одржување на наставниот процес со три основни правила: немешање на различни групи, обезбедување на потребната дистанца и одржување на хигиена.

Заштитни маски носат учениците од повисоките одделениија, согласно упатствата на Хрватскиот завод за јавно здравство, а децата од пониските одделенија не мора да носат маски. Децата од повисоките одделенија мора да носат маски кога нема доволно простор во училниците за да се почитува растојанието од 1,5 метар.

„Растојанието не е проблем да се одржува во училиштата кои имаат поголеми училници, додека училиштата со помали училници мора да најдат други решенија. Секое училиште во секој момент, зависно од епидемиолошката слика, може да го смени начинот на работа на делумна и целосна настава на далечина“, посочува директорот на основното училиште Ловре Матачиќ, Томислав Милек.

За ова ќе одлучат епидемиолозите кои ќе го утврдат начинот и времетраењето на часовите во согласност со епидемиолошката слика, бројот на заразени, дали станува збор за ученици, наставници или за друг персонал.

Во училиштата нема sвоно, часот обично трае 40 минути, секоја паралелка останува во својата училница, потребно е одржување на пропишаното растојание, а на влезовите во училиштата има т.н. дезинфекциски бариери, нема кабинетска настава и нема шетање на одделенијата низ училиштето.

Во секое училиште одредени се т.н. простории за изолација каде што детето кое има покачена температура ќе биде изолирано додека бидат информирани родителите кој во најкраток можен рок треба да дојдат по детето.

Родителите се обврзани да ја мерат телесната температура на своите деца секој ден пред заминување на училиште, а во случај на покачена температуа, тие мора да се јават на директорот на училиштето и избраниот педијатар.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın