Балкан

Пендаровски и Спасовски упатија честитки по повод Курбан бајрам

„Посакувам овој голем празник да ни донесе среќа, радост, љубов и бериќет, и како празник на дарувањето и на солидарноста да нè инспирира да им помагаме на сите оние на кои им е потребна материјална, но и духовна поткрепа...“

Furkan Abdula  | 31.07.2020 - Обновена : 02.08.2020
Пендаровски и Спасовски упатија честитки по повод Курбан бајрам

СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, и премиерот на земјата, Оливер Спасовски, упатија честитки по повод муслиманскиот празник Курбан бајрам, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Според соопштението на Претседателскиот кабинет, Пендаровски, по повод Курбан бајрам, упати честитка до вршителот на должноста поглавар на Исламската верска заедница (ИВЗ) на земјата, Шаќир еф. Фетаху и до сите граѓани од исламска вероисповед во Република Северна Македонија.

„Посакувам овој голем празник да ни донесе среќа, радост, љубов и бериќет, и како празник на дарувањето и на солидарноста да нè инспирира да им помагаме на сите оние на кои им е потребна материјална, но и духовна поткрепа. Милосрдието и човекољубието нека бидат дел од нашите животи не само за празничните денови, туку и низ целата година. Да продолжиме искрено и суштински да споделуваме со нашето семејство, со нашите пријатели и со целата заедница“, рече Пендаровски.

Тој нагласи дека денес, кога целата човечка цивилизација е соочена со пандемијата со Ковид-19, како никогаш досега мораме да покажеме заедништво и слога и сплотени да излеземе како победници.

„Верувам дека токму со силата на молитвата и со љубовта ќе ги надминеме сите предизвици со кои се соочуваме на личен и колективен план. Во согласност со традициите на заемно почитување и уважување, да се грижиме и да помагаме безусловно на сите наши сограѓани, не водејќи сметка за етничката, религиозната или идеолошката припадност. Да продолжиме да го градиме и да го чуваме нашиот заеднички дом, Република Северна Македонија. Ви упатувам најискрени желби за добро здравје, радост и благосостојба. Честит Курбан бaјрам“, додаде Пендаровски.

Меѓу другото, исто така, и претседателот на Владата на Северна Македонија, Оливер Спасовски, по повод празникот Курбан бајрам упати телеграма со честитки до вршителот на должноста претседател на Исламската верска заедница, Шаќир Фетаху, до членовите на Ријасетот и до сите припадници на исламската вероисповед.

„Ви го честитам големиот муслимански верски празник Курбан бајрам вам, на членовите на Исламската верска заедница и на сите граѓани што го чествуваат празникот, во име на Владата на Република Северна Македонија и во мое лично име. Курбан бајрам е празник на солидарноста, хуманоста и грижата кон најблиските“, истакна Спасовски.

Тој рече дека во период кога се соочуваме со пандемијата на Ковид-19, светите празници носат голема духовна сила којашто ја зајакнува вербата на луѓето во доброто, вистината, правдата и поттикнува желба за меѓусебна почит, разбирање, солидарност.

„Курбан бајрам е од редот на највеличествените и најсветите денови. Овој празник за секој исламски верник е водилка да се грижи за семејството, соседите и пријателите, за сите на кои им е потребна поддршка и помош. На овој величествен ден, кој нè потсетува на суштината на човечкото постоење, да покажеме грижа и за најскапоценото нешто за сите нас, за здравјето“, истакна тој.

Во духот на празникот како одговорни граѓани кон себе, кон своето семејство и кон државата, Спасовски порача да да се почитуваат препораките на здравствените власти.

Според него, Курбан бајрам ни посочува вредности кои се универзални, патокази кон унапредување на животниот морал кон кои треба да тежнее секој човек, без разлика на верската или националната припадност.

„Благородните пораки што ги испраќа овој празник повикуваат на изградба на едно општество за сите, на општество на еднакви можности во кое културните, етничките и верските разлики се богатство и непроценлива уникатна вредност. Во вековната традиција на соживот и разбирање во нашата земја, дозволете да посакам многу радост, духовен мир и топлина во домовите на сите припадници на исламската вера во овие празнични денови. Нека биде благословен и честит празникот!“, додаде Спасовски.

- Талат Џафери упати честитки по повод Курбан бајрам -

Според соопштението на Собранието на Северна Македонија, Талат во својата честитка нагласи дека ова е празник кој во себе ја носи пораката на солидарноста, блискоста и сочувството кон сите луѓе, блиски или далечни, соседи или роднини, познати или случајни познанства и празник во којшто се споделуваат и убавиот збор и мисла, и благодатите на трпезата, и почитта и простувањето.

„Навикнати сме празникот да го поминеме опкружени со весел џагор и топли прегратки, искрени насмевки. За жал, речиси од почетокот на оваа година сме принудени да ги менуваме нашите секојдневни навики на функционирање и секако, празнување. Пандемијата од Ковид-19 е тука и се чини, ќе трае. Ние, и секако целиот свет, се навикнуваме на нови начини на живот и работа. Покрај тоа, доколку досега не научивме, сега се учиме на колективна свест и совест, за тоа колку е важно секој поединец да води сметка за своите постапки, за тие да не се рефлектираат негативно на нашите блиски семејства и на сите други. Да ги почитуваме препораките на здравствените институции, за да си помогнеме себеси и на нашиот здравствен систем“, рече Џафери.

Тој нагласи дека Курбан бајрам е празник на благодарноста, изразувајќи благодарност кон сите здравствени работници, меѓутоа и кон сите други кои секојдневно се вложуваат максимално да овозможат нормално функционирање во ова време на „нова нормалност“. 

„Драги граѓани, ви посакувам празникот да го поминете во добро здравје, на сите оние кои ги допре Ковид-19 им посакувам брзо оздравување и што побрзо враќање во своите домови, за сите да го поминеме празникот опкружени со нашите блиски и сакани. Честит Курбан бајрам“, додаде Џафери.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.