Балкан

Отворен автопатот кој ги спојува Северна Македонија и Косово

„Автопатот „Арбен Џафери“ претставува мотивација и за нас да ги забрзаме процедурите. И ние набрзо ќе распишеме тендер за 14 километри пат од Блаце до Скопје, со што патот Скопје - Приштина ќе се поминува за 45 минути“, рече Заев

Zülfiya Yakup  | 29.05.2019 - Обновена : 30.05.2019
Отворен автопатот кој ги спојува Северна Македонија и Косово (Foto: Erkin Keci/ AA)

ЕЛЕЗОВ ХАН (AA) - Со свечена церемонија денес е отворена последната делница од Автопатот „Арбен Џафери“, на релација Приштина - Елезов Хан (Генерал Јанковиќ), кој ги спојува Северна Македонија и Косово, јавува Anadolu Agency (AA).

На церемонијата покрај највисокиот државен врв на Косово присуствуваа и премиерите на Северна Македонија и на Црна Гора, Зоран Заев и Душко Марковиќ, претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, претставничката на американскиот Стејт департмент, Сусан Фалатко, дипломатите акредитирани во Косово, пратеници, министри и граѓани.

Автопатот „Арбен Џафери“ долг 66,5 километри, го изгради турско-американската компанија „Бектел-Енка“ („Bechtel-Enka“). Работите траеја пет години, а целиот проект чини околу 700 милиони евра.

Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, на церемонијата за отворањето на автопатот изјави дека и неговата земја наскоро ќе го изгради својот дел од автопатот од граничниот премин Блаце до Скопје, кој ќе чини околу 1,7 милиони евра.

„Автопатот „Арбен Џафери“ претставува мотивација и за нас да ги забрзаме процедурите. И ние набрзо ќе распишеме тендер за 14 километри пат од Блаце до Скопје, со што патот Скопје - Приштина ќе се поминува за 45 минути“, рече Заев.

Премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, рече дека средствата за изградбата на автопатот се трошени во согласност со законските обврски на земјата и во согласност со целта на овој проект.

„На нашиот регион му е потребен одржлив развој на Косово, исто колку што на Косово му е потребен развој на регионот. Тука сме заедно да уживаме во овој модерен дел, кој дава нов поглед не само на косовскиот пејсаж, туку и на целиот наш регион како простор кој го сакавме заедно во текот на вековите“, рече Харадинај.

Претседателот на Косово, Хашим Тачи, изјави дека Автопатот „Арбен Џафери“ е од голема важност за Косово, но и за регионот.

„Ако вчера сме ги поминале овие искуства во западниот свет, денес ги имаме во ново Косово. Ова е новото Косово, развиено Косово, модерно Косово, европско Косово“, рече Тачи.

Претседателот на Собранието на Косово, Кадри Весели, изјави дека Косово е фактор на стабилноста, кој гради мостови. Весели нагласи дека сега Косово е ориентирано кон економски развој и кон владеење на редот и законите.

Новиот автопат се состои од 13 мостови, вклучувајќи го најдолгиот мост во регионот со должина од 5,7 километри и висина од 83 метри. Автопатот за сообраќај ќе биде пуштен денес во 17 часот.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.