Балкан

На протестот на рударите во Сараево им се приклучија сопругите и граѓаните

„До исполнување на барањата не ги запираме протестите“, порачаа рударите

Alma Dekovic  | 24.11.2021 - Обновена : 24.11.2021
На протестот на рударите во Сараево им се приклучија сопругите и граѓаните

САРАЕВО (АА) - Работниците од седум рудници во Федерацијата Босна и Херцеговина (ФБиХ), кои дејствуваат во рамките на Јавното претпријатие „Електростопанство БиХ“, незадоволни од својата положба, ги продолжија протестите пред зградата на Владата на ФБиХ, откако таму ги минаа претходните ден и ноќ, јавува Агенција Анадолија (АА).

Откако вчера протестираа од 11 часот пред зградата на Владата на ФБиХ, ноќта ја минаа со надеж дека денеска ќе се сменат работите во нивна полза.

На рударите утрово им се приклучија и сопругите, останатите членови од семејствата и граѓаните кои се солидаризираат со нив, нудејќи им помош во вид на храна, пијалаци и ќебиња за да се заштитат од студот.

Повеќе стотици рудари вчера се собраа со цел да го изразат своето незадоволство од правилниците за платите и работниот ефект, па побараа утврдување на минимална плата од 1.000 КМ (конвертабилни марки) во рударството во ентитетот на Федерацијата БиХ.

Во текот на ноќта запалија оган на отворено и порачаа дека ќе останат сѐ додека не бидат исполнети нивните барања.

Федералниот премиер Фадил Новалиќ синоќа закажа итен состанок во Владата на Федерацијата БиХ, и формиран е преговарачки тим за разговори со претставниците на рударите.

Тие вчера одбија да преговараат за барањата што ги поставија пред Владата на ФБиХ и „Електростопанство БиХ“.

„До исполнување на барањата не ги запираме протестите“, порачаа претставниците на рударите.

Собраните на протестот пред зградата на Владата на ФБиХ побараа укинување на спорните прописи за платите и работниот ефект, и смена на генералниот директор на ЈП „Електростопанство БиХ“, Адмир Анделија и директорот на рудникот за јаглен во составот на тоа јавно претпријатие.

Од Самостојниот синдикат на работниците во рудниците во ФБиХ, кој е организатор на протестот, истакнаа дека претходно цело време биле подготвени за социјален дијалог, но дека немало разбирање кај работодавачите.

На протестот учествуваат рудари од рудниците „Крека“, „Какањ“, „Бреза“, „Зеница“, „Ѓурѓевиќ“, „Абид Лолиќ“ и „Грачаница“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın