Мицкоски оствари телефонски разговор со шеикот Мохамед бин Зајед ал-Нахјан, изрази солидарност со ОАЕ
- Христијан Мицкоски, денес остварил телефонски разговор со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Зајед ал-Нахјан, и му изразил солидарност и сочувство за нападите врз неговата земја
СКОПЈЕ (АА) Претседателот на Владата на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, денес остварил телефонски разговор со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Зајед ал-Нахјан, и му изразил солидарност и сочувство за нападите врз неговата земја, јавува Анадолу.
„Изразив искрена солидарност со народот на ОАЕ и најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите од нападите. Нападите врз суверени држави и заканите кон цивилното население претставуваат грубо нарушување на меѓународното право и сериозна закана за регионалната и глобалната стабилност“, напиша Мицкоски на американската компанија за социјални медиуми Х.
Тој нагласи дека Северна Македонија, како членка на НАТО и стратегиски партнер на САД, останува цврсто посветена на принципите на суверенитет и територијален интегритет.
„Во време на растечка неизвесност, неопходни се одговорност, координација со сојузниците и јасна определба за спречување на понатамошна ескалација. Во разговорот ја нагласив и потребата од засилена грижа и координација за безбедноста на македонските граѓани што се наоѓаат во регионот“, напиша тој.
Тој информирал дека институциите се целосно мобилизирани и внимателно ја следат состојбата, со подготвеност за навремена помош, поддршка и евентуална асистенција доколку тоа биде потребно.
„Земјава, во контекст на своите стратегиски интереси и сојузништва, ќе продолжи да дејствува принципиелно, внимателно и одговорно, во интерес на стабилноста и безбедноста“, напиша Мицкоски.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
